„Неименувањето е одговор“ е за отпорот кон светот во кој живееме


„Неименуваното е одговор“ е групна изложба курирана од Ивана Васева, која на 26 јуни во 20 часот ќе биде отворена во Даут-пашин амам. Во рамките на изложбата на отворањето ќе се одржи и перформанс на Ели Га, а на 9 септември во 19:30 часот предавање ќе има Адријан Паци.

Од Националната галерија на Македонија кои се јавуваат како организатори на оваа изложба велат дека живееме во време во кое изборот и начинот на кој се прикажува минатото се од клучно значење за демократизацијата на современото општество.

„Историјата е колективна меморија која му дава смисла на нашето политичко постоење и дејствување. Дали нашите животни и професионални заложби ќе ги водиме во потенцирање на јавното, заедничкото и развојот или кон сè поголема индивидуализација и раст, типична за денешниот глобален капитализам, зависи и од тоа и како го вреднуваме минатото и од каде тргнуваме за да ја креираме историјата“, соопштуваат од Национална галерија.

„Неименуваното е одговор“ е изложба за постојаниот отпор кон светот во кој живееме и е изградена од отпорни политички субјективности. Тие зборуваат за важноста на прекинот/контестирањето со постојните облици на знаење и дејствување како клучен за процесите на деколонизација на знаењето во рамките на институцијата на уметноста. Изложбата ги тестира границите на издржливоста, не во физичка смисла на зборот, туку во опирањето во границите на канонот и зададеностите од минатото, како и во естетската репрезентација, чии уметнички гестови понекогаш се јавуваат и како случајни настани или реакции. Таа на крајот зборува и за губењето на препознатливоста во идентитетот и преку тоа воведување на концептите на заедништво и солидарност.

Делата се поставени меѓу мрежа на материјали од меморијата кои треба да понудат дополнително значење на една повеќеслојна, повеќевременска и дијахрониска слика, која ни се случува и во моментов, овде и сега.

Изложбата е поддржана од Министерството за култура и ќе биде отворена до 20 септември годинава.