Урсула фон дер Лајен и Шарл Мишел се скарани, трпи ЕУ

Иако двајцата лидери се појавуваат еден до друг на прес-конференции по самитите, дијалогот за секојдневните прашања меѓу лидерите и нивниот близок персонал е речиси непостоечки


 

Кога лидерите на најмоќните земји во светот ќе се сретнат на самитот на Г20 во Бали следната недела, не очекувајте дека Европската унија ќе претстави обединет фронт. Наместо да се координираат, првите двајца функционери на блокот – претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел – со голема  веројатност ќе се избегнуваат еден со друг, при што вработените се вклучени во организирањето на патувањето под строги инструкции  да се избегне какво било преклопување во маршрутите.

Речиси три години од почетокот на нивниот мандат, односите меѓу Мишел и фон дер Лајен претрпеа извонреден дефект, при што вработените од двете институции се обесхрабрени да комуницираат, а двајцата лидери се затворија меѓусебно од состаноци со странски државници.
Нефункционалното партнерство не влијае само на законодавната и политичката агенда на ЕУ,туку се заканува да ја поткопа позицијата на ЕУ во светот.

Една од централните точки на Г-20 ќе биде средбата меѓу Мишел и кинескиот лидер Ши Џинпинг, планирана да се одржи на маргините на самитот. Со оглед на поделбите во ЕУ за тоа како да се справи со Пекинг, тој ќе биде клучен состанок. Но, Фон дер Лајен не е поканета. Причината? Нејзиното одбивање да му дозволи на Мишел да присуствува на состанокот со индискиот премиер Нарендра Моди на Г7 во Германија во јуни.

Ривалството меѓу Комисијата и Советот долго време беше предизвик поради вродената структурна тензија во византискиот систем на ЕУ.Комисијата е извршната рака на блокот, со способност да предлага закони, ставајќи го нејзиниот претседател во срцето на речиси секоја иницијатива на ЕУ. Но, Советот е местото каде што шефовите на држави или влади се состануваат за да ги претворат предлозите во закон. Иако неговиот претседател игра координативна улога, модерирајќи ја дебатата меѓу вистинските носители на одлуки, позицијата е веројатно поблиску до местото каде што лежи вистинската моќ на блокот.

Со доделените две улоги кои се преклопуваат  резултатот е дополнителна конфузија на вековното прашање кое често му се припишува на Хенри Кисинџер – на кого му се јавувате кога сакате да ја повикате Европа? Европскиот парламент, со свој претседател, обезбедува трет центар на моќ, но малкумина би тврделе дека тоа е нешто друго освен помлад брат или сестра на другите двајца.

Судирот на личности меѓу сегашните актуелни функционери ја однесе меѓуинституционалната конкурентност на друго ниво, според повеќе функционери на ЕУ, вклучително и оние кои работеа во претходните администрации кога Жан-Клод Јункер ја предводеше Комисијата, а Доналд Туск беше претседател на Советот. Состаноци меѓу Фон дер Лајен и Мишел практично не постојат, дури и во пресрет на самитите на Европскиот совет, вообичаен форум каде ЕУ постигнува напредок во големите стратешки и непосредни предизвици со кои се соочува.

Официјални лица од други земји и меѓународни тела често се збунети околу тоа кој треба да биде нивниот соговорник. Вработените во двете институции известуваат за односот на Комисијата и Советот за присуство на состаноци со трети страни. За време на дискусиите за глобалната криза со храна, претставниците на Обединетите нации беа изненадени кога вшок службеник на ЕУ, кој претходно беше дел од разговорите, одеднаш беше повлечен од следните состаноци.

„Комуникацијата е целосно прекината“, рече еден функционер кој сакаше да остане анонимен.

Кога фон дер Лајен и Мишел беа избрани да раководат со двете најмоќни институции на ЕУ во 2019 година, тие изгледаа како неверојатен пар. Фон дер Лајен, министер за одбрана во владата на германската канцеларка Ангела Меркел, поголемиот дел од својата кариера го помина во домашната политика; Мишел, поранешен белгиски премиер од истакнато политичко семејство, имаше повеќе искуство во ЕУ, седејќи околу масата на Европскиот совет како лидер на неговата земја.

Двајцата делеа некои биографски сличности. И двајцата потекнуваат од семејства натопени во политика. Таткото на Фон дер Лајен беше генерален директор на одделот за конкуренција на ЕУ во 1970-тите, а подоцна уживаше во успешна кариера во германската политика на државно ниво; Таткото на Мишел беше познат белгиски министер за надворешни работи, еврокомесар и член на Европскиот парламент.

Но, во однос на личноста, двајцата се многу различни. Фон дер Лејен, лекар и мајка на седум деца, е аналитички настроена, внимателна и контролабилна. Мишел е мекоговорник, лидер со брзина на желка и со склоност кон поезија. Кога се ожени со својата долгогодишна партнерка минатата година, ги покани сопружниците на лидерите на ЕУ на вечера и специјално  на разгледување на изложбата на дела на британскиот уметник Дејвид Хокни во бриселскиот центар за ликовни уметности Бозар.

Според официјалните лица, врската започнала мирно. „Имаше некои мали искрења, но ништо неочекувано“, рече еден претставник на ЕУ. Во првите месеци, секретаријатот на Советот закажувал неделен попладневен состанок меѓу Мишел и Фон дер Лајен секој понеделник. Но, иако состаноците набрзо згаснаа, работите целосно се распаднаа до април 2021 година, откако двајцата лидери отпатуваа во Турција за да се сретнат со Реџеп Тајип Ердоган.

Камерите ја забележаа шокираната реакција на Фон дер Лајен кога Мишел брзо го фати единственото столче до турскиот претседател, оставајќи ја да седи на каучот спроти турскиот министер за надворешни работи. Претседателката на Комисијата, првата жена што ја зазеде оваа позиција, подоцна пред Европскиот парламент изјави дека е „повредена“ од инцидентот, обвинувајќи за сексизам.Наречен „Sofagate“, инцидентот стана вирален на глобално ниво, со меѓусебните ( не и секогаш јавни) обвинувања кои доведоа до надолна спирала во односите, што  само се влошуваат оттогаш.

Во екот на вревата, нашироко беше објавено дека Мишел додал навреда со откажување на редовниот понеделнички ручек со Фон дер Лајен поради конфликт околу посета на шеф на африканската држава. Денес, претставници на Советот велат дека Фон дер Лајен постојано ги откажувала состаноците за ручек, дури и пред Софагејт.

„Во реалноста, тоа никогаш не се случуваше неделно“. Претставниците на Комисијата велат дека двајцата се среќаваат „речиси“ секоја недела на различни форуми, иако закажаниот формат „еден на еден“ е напуштен. Спротивно на тоа, претходниците на Фон дер Лајен и Мишел, Јункер и Туск, се среќаваа повеќето недели и имаа добри работни односи, потпомогнати од нивните претходни познанства како премиери и покрај разликите околу политичките прашања како миграцијата.

Кога станува збор за Софагејт, се чини дека Мишел бавно ја учи лекцијата. Во февруари , по неколку месеци пишување на печатот, тој немо стоеше за време на фотографирањето со  африканските официјални лица во моментот кога министерот за надворешни работи на Уганда помина покрај  Фон дер Лајен за да му ја пружи раката, а потоа и на Емануел Макрон. Францускиот претседател нежно му предложи на африканскиот достоинственик дека можеби ќе сака да го признае претседателот на Комисијата.

Јавни тензии

Распадот на односите почна да влијае на работата на ЕУ, според официјални лица од двете институции. Иако двајцата лидери се појавуваат еден до друг на прес-конференции по самитите, дијалогот за секојдневните прашања меѓу лидерите и нивниот близок персонал е речиси непостоечки. За време на годините на Јункер-Туск, лидерите на Советот и Комисијата редовно се состануваа пред самитите за еврото со претседателите на Европската централна банка и Еврогрупата, неформалното тело на министрите за финансии од еврозоната. Сепак, од 2019 година таков собир не се случи – дури и кога економските тешкотии на блокот се зголемија.

Персоналот на Советот е принуден да „брка информации како новинари“, рече еден функционер во седиштето на ЕУ, жалејќи се дека Комисијата не го информира Мишел за нејзините претстојни предлози, иако на тие иницијативи на крајот ќе им треба поддршка од националните влади. Кабинетот на Мишел обично дознава за предлозите на Комисијата истовремено со „шерпасите“ или претставниците на земјите-членки.

„ Постојана борба е да се натераат двете страни да споделат информации“, рече еден претставник на Советот. Официјалните претставници на Комисијата посочуваат дека е привилегија на Комисијата да предлага закон без придонес од Советот.

Неуспехот во комуникацијата поттикна некои еврокомесари да пристапат директно до персоналот на Советот за да се осигураат дека нивното досие или портфолио добива важност во заклучоците на Советот, формалните документи кои ги одразуваат одлуките донесени од националните лидери за време на самитите на ЕУ.

По неискористените приватни канали, тензиите се прелеаа  на јавните, особено околу справувањето со енергетската криза. Оваа недела, во писмото што го виде ПОЛИТИКО, Мишел ја обвини Фон дер Лајен  што не излезе со предлог за ограничување на цената на природниот гас, откако националните лидери побараа такво ограничување за време на нивниот самит во октомври.

Недовербата се прелеа и на прашањата за безбедноста. Еднаш, за време на пандемијата на Ковид, кога шефот на кабинетот на Фон дер Лајен, Бјерн Зајберт и еврокомесарот сакаа да разговараат со колега на високо ниво во американската администрација, делегацијата одлучи да отпатува во предградијата на Брисел за да искористи безбедната линија во седиштето на НАТО наместо да го користи објектот на Советот од другата страна на улицата. Дури оваа година Комисијата доби своја безбедна просторија за да упатува повици до САД.

„Двајцата одговорни“

Во натпреварот меѓу двајцата лидери, се смета дека Фон дер Лајен има предност. Иако Мишел формално ја претставува ЕУ на надворешни настани, претседателот на Комисијата се појави како најистакнат лидер на ЕУ кога станува збор за односите со Вашингтон. Од сеопфатниот напад на Русија врз Украина, администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден негува блиски работни односи со тимот на Фон дер Лајен, тесно соработувајќи особено во областа на санкциите.

Спротивно на тоа, Мишел се бори да се пробие. Кога канадскиот премиер Џастин Трудо го посети Брисел во март, протоколот наложи тој да се сретне со претседателот на Советот. Но, канадската делегација инсистираше да се сретне и со Фон дер Лајен, што е показател за нејзината меѓународна положба.

„Искрено, гледиштето е дека Мишел разочара, но Фон дер Лајен ги надмина очекувањата во нејзината улога“, рече еден долгогодишен претставник на Комисијата.

Но, кога станува збор за распадот на односите, официјалните лица генерално се согласуваат дека и двајцата лидери се виновни – Мишел за неговото лошо справување со инцидентите како Софагејт и Фон дер Лајен за нејзината склоност да одржува блиска контрола на сметка на соработката.

„Искрено, и двајцата се одговорни“, рече претставник на ЕУ. „И во минатото имавте тензии, но на крајот секогаш се сведуваа на личности. Нивните претходници сфатија дека е во нивни интерес да најдат стабилен работен однос“.

Друг долгогодишен функционер на ЕУ рече дека меѓуинституционалните односи никогаш не биле толку ниски.

„Нема смисла шефот на Европската комисија и претседателот на Европскиот совет да војуваат“, рече претставникот. „Во криза, ЕУ треба да се здружи“, додаде функционерот. „Да, структурно двете институции се во конфликт. Понекогаш не постои јасна поделба на работата. Но, ни требаат возрасни во собата“. (Политико)