Бетонот на недовршените згради на ФИНКИ се „нацицал“ јаглерод диоксид – колкаво ли е загадувањето на таа крстосница?


Двата недовршени објекта кај Ректоратот на УКИМ, чија изградба е стопирана повеќе од десет години, ќе се доградуваат кога ќе биде избран проектант, а потоа и изведувач на градежните работи.

Од Министерството за образование и наука велат дека во петокот (30 јанаури) завршил рокот за аплицирање на тендерот за нови проекти за градба, кој МОН го објави на крајот од 2025 врз основа на стручната анализа за состојбата во која се сега недоградените објекти и согласно со потребите на нивните идни корисници.

Двете згради ќе бидат за ФИНКИ, Факултет за фичика културa ќе се гради на постоечкото место

Некои од тие потреби, како и стандардите за градење во меѓувреме, односно од 2013 кога почна изградбата, се сменети и затоа е одлучено, и наведено во тендерот, двата објекта да ги користи само Факултетот за информатички технологии и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бидејќи само една зграда не ги задоволува потребите ниту на овој факултет ниту на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, за кој беше наменет другиот објект. Од МОН соопштија дека и за овој факултет се планира нова зграда на местото каде што тој се наоѓа.

Повикот за понуди за репроектирање на објектите беше објавен откога МОН ја доби анализата направена од стручно тело координирано од проф. д-р Горан Марковски од Градежниот факултет. Во работната група беа вклучени и други факултети на УКИМ: ФЕИТ, Машинскиот и Архитектонскиот факултет, како и Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС).

Во разговор за МИА проф. Марковски рече дека двата објекта, кои се простираат на вкупно 22 753 квадратни метри, ќе го задржат постојниот габарит и ќе немаат барокна фасада. Во нивната внатрешност ќе има прераспоредување на просториите, ќе има промени во инсталациите за греење, компјутерската инсталација итн.

– Двата објекта се подземно поврзани со паркиралиште, а ќе има и топла врска помеѓу нив бидејќи ќе бидат за еден факултет, откако се заклучи дека ќе добиеме две згради, но ниту едната ниту другата нема да ги задоволи потребите ни на двата факултета. Сега треба да се најде проектант, потоа да се најде изведувач и да ги доврши работите. Проектната задача е доста обемна од сите аспекти. Дадени им се одредени насоки на идните проектанти каде треба да се движат и во однос на архитектонскиот облик, но, се разбира, не премногу детаљно затоа што на проектантот треба да му се даде слобода – изјави проф. Марковски.

Силна карбонизација на бетонот од изложеност на загадување!

При истражувањето на состојбата на недоградените објекти, вели, се изненадиле од силна карбонизација во бетонот што потврдува дека има енормно загадување во тој дел од Скопје. Марковски појаснува дека карбонизација на бетонот на толку зачудувачки високо ниво е утврдена на некои места на објектите како последица на комбинацијата од влага и големо присуство на јаглерод диоксид и дека тој процес може да доведе до корозија на арматурата. Со новиот проект треба да се заштитат загрозените делови, а останатиот дел од конструкацијата, како што рече, е солиден и нема показатели на деградација.

– Бетонот е во принцип базна средина, со висок pH-фактор и затоа арматурата во него е заштитена од корозија. Но, овој процес ја намалува базичноста и арматурата може да биде изложена на забрзана корозија. Објектите стојат отворени и оставени на атмосферските влијанија – дожд, мраз, снег, внатре влегувала вода и стоела додека не испари итн. Тоа траело со години. Во арматурата засега не е почната корозијата, но добро е што ќе се преземаат активности за завршување на овие објекти. Ако така остане уште некое време, дополнително ќе треба да поскапи целата алтернатива. Сега има мерки кои се релативно евтини и лесно применливи за да може да се стопира тој процес. Од една страна, имаме недовршени работи, тоа се фрлени пари, што е и најголемата штета, а второто што го откривме во анализата е дека токму тој дел, крстосницата кај Ректоратот, е еден од најзагадените во Скопје. Ова е доказ дека таму навистина имаме енормно загадување со јаглерод диоксид бидејќи во толку кус период од десетина години имаме толку голема карбонизација навлезена во длабочината на бетонските елементи. Има и на мостовските конструкции, кои се изложени на надворешни влијанија, но тоа е процес кој треба да трае стотина години. А овде имаме за само десет години. И од научна гледна точка за нас тоа е интересен податок и потврда за тоа колку во Скопје е загаден воздухот – рече Марковски.

Тој смета дека на тие објекти не им било таму местото затоа штк се надвор се од кампусот на УКИМ, а таа локација е за парк. Градени без урбанистичка и архитектонска логика, за нив има две опции – да се доградат или да се урнат. Но,тешко оди уривањето на вакви започнати објекти од повеќе причини, затоа што ќе има реакции во јавноста дека се урива нешто што е изградено. Најдобро урбанистичко решение е нив да ги нема, меѓутоа кога веќе ги има треба да ги направиме така што ќе извлечеме максимум од нив, смета Марковски.