Недостигаат лекови за 40 до 60 пациенти на Онкологија


Фото: Б: Грданоски

Директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, Игор Стојковски, рече дека повеќето од пациентите што се третираат ја примаат потребаната терапија.

„Повеќето ја примаат терапијата и се третирани со хемотерапија, радиотерапија, билолошка терапија. Во моментот недостигаат лекови како дел од третманот за 40 до 60 пациенти. Верувам дека ќе ја обезбедиме во најбрз временски период“, изјави Стојковски.

Тој уверува дека се прават напори до утре да стигнат лековите по анекс потребни на Онкологија, а за другите заедно со директорот на Фондот за здравство се работи на обезбедување донација и брза постапка.

Прашан од новинарите зошто настана дефектурата, Стојковски рече дека тоа е поради зголемениот број на пациенти и поради кратка дефектура на еден лек за кој имало недостиг. Тогаш пациентите се префрлиле на друг лек, што во моментот е на дефектура.

Во врска со изјавата дека имало пациенти што примале, а не трабало да примаат биолошка терапија, Стојковски негира дека е можно такво нешто.

„Сите 12 члена на стручниот колегиум се во комисијата за пациенти што се вклучуваат кон биолошка терапија. Сите пациенти што треба да ја примаат се вклучени. Не одлучува еден доктор индивидуално“, рече директорот.

Уверува дека ќе ги направат сите напори во иднина да нема недостиг на некои лекови.

Надлежните вчера истакнаа дека до крајот на неделата биолошката терапија што ја примаат приближно 300 пациенти болни од карцином ќе биде доставена на Клиниката за онкологија.