Недостиг на лекови во Европа

Недостигот на лекови станува сè посериозен проблем низ целата Европска унија, предизвикувајќи фрустрација кај аптекарите и пациентите, а притисок врз јавноздравствените системи. Во Белгија, полиците на веледрогериите се празни како никогаш досега, што го одразува европскиот тренд на хронична нестабилност во снабдувањето со лекови.
„Често недостигаат десетици различни лекови во исто време, што ни го отежнува секојдневното работење,“ изјави аптекарот Дидиер Ронсин од Брисел.
Според ревизија на Европскиот ревизорски суд (ECA), во периодот од 2022 до 2024 година, 27-те земји членки на ЕУ пријавиле критичен недостиг од 136 лекови, меѓу кои антибиотици и медикаменти за срцев удар. Критичен недостиг значи дека на пазарот нема достапна алтернатива.
Белгија во 2024 година пријавила најмногу случаи на недостиг, со повеќе од десет критични ситуации, потврди Европската агенција за лекови (EMA). Причините се поврзуваат со прекините во синџирите на снабдување и прекумерната зависност од Азија, која обезбедува околу 70% од активните фармацевтски состојки што ги користи ЕУ.
Најголемата зависност е забележана кај лекови против болка, како парацетамол и ибупрофен, како и кај некои антибиотици и инхалатори за астма, меѓу нив и салбутамол (Ventolin).
Дополнителен проблем претставува и неефикасното внатрешно пазарно регулирање на Унијата. Цените на лековите се разликуваат од држава до држава, бидејќи секоја влада поединечно преговара со производителите. Поради тоа, фармацевтските компании често даваат предност на земјите кои плаќаат повисоки цени, додека другите се соочуваат со недостиг.
„Околу 70% од нашите клиентски повици се поврзани со недостиг на лекови,“ изјави Оливие Делаер, директор на белгискиот дистрибутер Febelco, кој снабдува 40% од аптеките во земјата.
Според податоците на PGEU, европските фармацевти во 2024 година просечно трошеле 11 часа неделно за справување со недостигот. „Секојдневно мораме да бараме информации, да ги известуваме пациентите кога ќе стигнат лековите или да им кажеме дека ги нема,“ вели аптекарот Ронсин. „Тоа создава страв и несигурност кај луѓето.“
Брисел се обидува да го реши проблемот. Во март Европската комисија предложи „Закон за критични лекови“, кој треба да ја поттикне домашната фармацевтска индустрија преку субвенции и нови критериуми за јавни набавки. Во јули беше презентирана и „стратегија за резерви“, за координирано чување залихи на есенцијални лекови во случаи на кризи.
Иако во ЕУ се надеваат дека овие мерки ќе донесат резултати, аптекарите велат дека решенијата се движат премногу бавно. „Веројатно еден ден ќе стигнеме таму,“ вели Ронсин, „но засега ситуацијата останува исклучително комплицирана.“