„Недоразбирање“ – премиера на Кумановскиот театар


Кумановскиот театар вечер од 20 часот премиерно ќе ја изведе претставата  „Недоразбирање“ од Албер Ками, во режија на Драгана Таневска.
Се работи за семејна драма за индивидувалните желби на поединци и нивното влијание врз хармонијата во семејството, во кое се следи загубената човечност поради загубена љубов, борбата за соништата и идеалите, бришењето на моралните граници.

-Ова е претстава која му се обраќа на модерниот човек, кој во трка да ги исполни своите желби заборава на суштината. Претставата има убава енергија, јас сум многу задоволна од процесот, а тоа ќе го види и публиката, изјави режисерката Таневска.

Во претставата играат актерите Александра Михајловска, Кети Дончевска-Илиќ, Никола Наковски, Сања Русеска и Марко Трајковиќ.

По вечерашнава премиера, претставата репризно ќе биде изведена утре и задутре од 20 часот.