Недела на јапонскиот филм во Битола со две проекции и оригами работилница
Неделата на јапонскиот филм продолжува денеска во Центарот за култура – Битола, каде што публиката ќе има можност да погледне два јапонски филма и да учествува на работилница за традиционалната јапонска уметност на виткање хартија – оригами.
Настаните се организираат во соработка со Амбасадата на Јапонија, а целта е преку филмската уметност и традиционалните културни практики да се доближат јапонската култура и кинематографија до битолската публика.
Во Големата сала на Центарот за култура, во 15 часот, ќе биде прикажан анимираниот филм „Деца на морето“ (Children of the Sea), визуелна авантура за девојчето Рука и нејзината средба со две необични момчиња поврзани со морето. Филмот ја истражува поврзаноста на животот, чудата на природата и тајните на океанот.
Втората проекција е закажана за 20 часот, кога ќе биде прикажан филмот „Чекор“ (Step), емотивна приказна за татко кој по ненадејната загуба на сопругата сам ја одгледува својата ќерка. Низ секојдневните предизвици, двајцата учат како да продолжат со животот, чекор по чекор.
Влезот за двете филмски проекции е бесплатен.
Во рамки на програмата, од 18 до 19:30 часот ќе се одржи и оригами работилница со Koyama Sensei, професор по јапонски јазик и лиценциран инструктор за оригами.
Учесниците ќе имаат можност да се запознаат со потеклото, филозофијата и културното значење на оваа традиционална јапонска вештина, но и самостојно да изработат оригами креација.