Пет концертни вечери на годинашните „Есенски музички свечености“
Со концерт на студентите од Факултетот за музичка уметност (ФМУ) – Скопје, посветен на 60-годишнината од постоењето на оваа високообразовна институција, ќе биде отворено 27. издание на фестивалот „Есенски музички свечености 2026“, во организација на Дирекцијата за култура и уметност – Скопје.
Фестивалот ќе се одржува до 26 ноември, а програмата опфаќа пет концертни вечери со различни музички состави и уметнички интерпретации.
Отворањето е закажано за вечерва во Концертната сала на ФМУ – Скопје со концерт под наслов „60 години ФМУ Скопје“. Истата програма ќе биде изведена и на 23 ноември.
Во рамки на фестивалот, на 16 ноември во Културно-информативниот центар (КИЦ) ќе настапи српското камерно трио „Soundscape Trio“ со концертот „Меѓу насмевките и солзите“.
На 25 ноември во Салон 19:19 на КИЦ концерт ќе одржат пијанистот Зоран Станишиќ и виолинистот Стефан Котевски со програмата „Сонатни приказни“, со учество на Јосипа Василевска на флејта и Злате Огњановски на фагот.
Фестивалот ќе биде затворен на 26 ноември со солистички концерт на виолинистката Хатиџе Салиева, која ќе го изведе делото „Четирите годишни времиња“ од Антонио Вивалди.