Зачувани се помалку од 30 отсто од архивските документи: ДПМ со сериозен проблем
Новата претседателка Гордана Јовиќ Стојковска најавува нов статут, дигитализација на зачуваната документација и институционално зајакнување на Друштвото на писателите на Македонија. Таа предупредува дека дел од историското наследство на институцијата е изгубено, а младите автори треба да добијат поголем простор во македонската книжевна сцена.
Сериозни недостатоци во архивата, потреба од институционални промени и недоволна застапеност на младите автори се дел од предизвиците со кои се соочува Друштвото на писателите на Македонија. Гордана Јовиќ Стојковска, најавува дека во својот мандат ќе се заложи за зачувување на книжевното наследство, дигитализација на документацијата и промена на статутарното уредување на институцијата.
Во емисијата „Во потрага по вистинскиот збор“ со Христо Петревски, таа откри дека состојбата со архивата е особено загрижувачка, посочувајќи дека се зачувани помалку од 30 проценти од архивските документи. Според неа, дел од документацијата со години била изнесувана, отстранувана или фрлана, иако станува збор за значајно сведоштво за историјата на македонската книжевност.
Стојковска најави дека приоритет ќе биде зачувување и дигитализација на преостанатите документи, како и создавање нов статут со кој појасно ќе се уреди функционирањето на Друштвото и ќе се заштити неговото културно и институционално значење.
Таа посебно ја истакна потребата од поголема поддршка за младите писатели, нивно активно вклучување во работата на Друштвото и обновување на некогашната Книжевна младина. Како позитивен чекор ја посочи и можноста сите членови да учествуваат со свои творби во списанието „Стожер“, со цел да се обезбеди поширока застапеност на македонските автори.
Во разговорот, Стојковска се осврна и на својот повеќедецениски книжевен пат, двојазичното творештво на македонски и српски јазик, како и на значењето на зачувувањето на народните преданија, обичаите и верувањата. Таа предупреди дека сведоштвата на постарите генерации треба навреме да се документираат, бидејќи со нивното заминување исчезнува и дел од колективната културна меморија.
Говорејќи за идните творечки планови, најави работа на нова поетска книга, роман и проширување на „Речникот на јужнословенската митологија“, за кој се надева дека ќе биде повторно објавен во следните една до две години.
Разговорот отвори важни прашања за иднината на македонската книжевност, институционалната заштита на нејзиното наследство и потребата од создавање услови за новите генерации писатели.