Тетовскиот театар премиерно ќе ја изведе драмата „104“ на Драгана Лукан Николоски


Со праизведбата на драмата „104“ од авторката Драгана Лукан Николоски, во режија на Нина Николиќ, во НУ Тетовски театар ќе биде заокружена сценската реализација на „Трилогија за љубовта“, составена од драмите „Марта Верина“, „АННА“ и „104“. По претставата ќе биде промовирано и заедничкото книжно издание „Трилогија за љубовта“, објавено од издавачката куќа „Чудна шума“.

Како што информираат организаторите, станува збор за повеќегодишен авторско-режисерски проект на Драгана Лукан Николоски и Нина Николиќ, во кој трите драмски текста функционираат како самостојни дела, но истовремено сочинуваат единствен циклус што ги истражува љубовта, интимноста и меѓучовечките односи.

Во фокусот на драмата „104“ се ликовите Милена и Јован, чиј навидум хармоничен живот се нарушува по разговор за минатото. Прашањата за љубомората, довербата, контролата и правото на лична интимност се централни мотиви во претставата, која ја преиспитува границата меѓу блискоста и поседувањето.

Во претставата настапуваат Ѓорѓи Нешковски, Ангела Стојановска, Петрит Назири, Ирена Мирческа и Марко Богдановски. Сценографијата е на Илина Ангеловска, костимографијата на Ивана Каранфиловска Угуровска, а музиката ја потпишува Оливер Јосифовски.