„Не верувајте им на сејачите на магла“: Порака од Пендаровски до велешани


Стево Пендаровски во Велес

 

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски на синоќешниот митинг во Велес им порача на граѓаните да не им веруваат на „сејачите на политичката магла“ и дека државата мора да продолжи напред по европскиот пат, да не се враќа назад во балканската кал и мочуриште и во времињата на неизвесност.

Патот кон ЕУ денес е закочен заради блокадите на ВМРО-ДПМНЕ и партијата предводена од Христијан Мицкоски нема никаков план за иднината, нагласи Пендаровски.

„И кога ги прашуваме што би смениле во тој дел, се надевам не би смениле ништо во делот на македонскиот идентитет и јазик и во делот на македонското име и код, што би промениле и какви се тие подобри договори кои вам би ви биле по волја? Знаете што одговараат? Дека имаат план Б, но тој план ќе ни го кажат ден после изборите. Велат на 9 мај ќе ви кажеме, имаме голем план, некаков мистериозен план со кој ќе ги подобрат тие договори и ќе не внесат на брза пруга во Европската Унија. Немојте да им верувате на тие сејачи на политичка магла, бидејќи ова се најдобрите можни договори со кој со сочувавме македонското достоинство, ја ставивме државата на пат кон развиениот свет и развиена Европа“ порача Пендаровски.

Пендаровски повика на масовна излезност на 24 април а потоа и на 8 мај и порача дека само бројот еден е гаранција дека Македонија ќе продолжи по вистинскиот пат.

„Мораме да се мобилизираме, да се собереме сите што ѝ мислиме добро на оваа наша Македонија. На 24 мораме да направиме масовна политичка мобилизација во што е можно поголем број да излеземе и на 8 мај само да ја запечатиме двојната победа. Значи број еден на 24 април и број еден на 8 мај“, рече Пендаровски.