„Не сум анти-Албанец, ниту ксенофоб“: Мицкоски одговара на обвинувањата од ДУИ


Христијан Мицкоски на митингот во Крушево

 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска ги отфрли обвинувањата од страна на ДУИ дека бил анти-Албанец. Христијан Мицкоски денеска од Крушево изјави дека нападите доаѓале затоа што зборувал за „криминалите на ДУИ“

Тој рече дека на овие избори важно е Али Ахмети и ДУИ да бидат испратени во политичка пензија.

„Многумина од раководството на ДУИ ме обвинуваат дека сум бил анти-Албанец, дека сум бил ксенофоб. Зошто? Затоа што сум зборувал гласно за криминалот на овие луѓе. Не зборувам за сите членови и симпатизери на ДУИ туку зборувам за неколкумина кои што се дел од раководството и кои што изминативе повеќе од две децении се дел од власта во Македонија и ја ограбуваат, засрамуваат и понижуваат Македонија“, рече тој.

„Ајде да зборуваме за реалноста, дали тие луѓе имаат привилегија, ако го нападнеме криминалот кој што го прават овие две децении па и повеќе, дека тие имаат монопол врз албанската етничка заедница. Криминалот нема етничка припадност, или си криминалец или не си. За да не биде како до сега каде што Македонија е украдена од страна на една мала група луѓе, петмина дел од раководството на ДУИ, и неколкумина нивни измеќари од СДСМ. Ова го потенцирам свесен дека уште кратко време овде во Крушево ќе има градоначалник од СДСМ и очекувам во 2025-та година да се случи таква промена“, рече тој.