„Не сакамe да загинeмe во војна“ – порачуваат младите на протестот против задолжителната воена служба
Протестот на младите против задолжителната воена служба и милитаризацијата на Германија сè уште трае на плоштадот „Александерплац“ во Берлин, по што учесниците ќе се упатат кон плоштадот „Маријаненплац“, каде што е предвидено да заврши протестниот марш.

Главните барања на младите се укинување на задолжителната воена служба, запирање на военото вооружување и пренасочување на јавните с редства кон образованието и социјалната заштита. Тие бараат и итно запирање на производството на оружје, како и безусловна меѓународна солидарност, оценувајќи дека средствата за милитаризација се издвојуваат на сметка на потребите на младите и квалитетот на нивниот живот.

Портпаролката на иницијативата „Училишен штрајк против задолжителната воена служба“ (Schulstreik gegen Wehrpflicht), Џули-Софи Фелдер, во изјава за МИА рече дека на движењето му се приклучила на почетокот на март, а нејзиното учество е мотивирано и од последиците што кратењето на јавните средства ги има врз секојдневниот живот на младите.
Таа посочи пример од училиштето на нејзината сестра, каде што постоела опасност прозорците да испаднат од рамките и да паднат врз учениците. Наместо да бидат поправени, бил изграден тунел за да се спречи нивното паѓање врз учениците, бидејќи немало доволно средства за нивна поправка.

– Сакам да истакнам и дека не сакам да загинам во војна. Го гледаме зголемувањето на воените трошоци, кое се претставува како зајакнување на одбранбената армија, но активно служи за подготовка за војна. Германскиот министер за одбрана Борис Писториус самиот изјави дека до 2029 година треба да бидеме подготвени за војна, а јас немам намера да загинам во војна, изјави Фелдер за МИА.
Таа оцени дека средствата што се издвојуваат за милитаризација се на сметка на други области од општеството, кои, како што рече, им овозможуваат на младите квалитетен живот и го прават вреден за заштита.

– Бараме повторно да има повеќе пари за образованието и социјалната заштита. Бараме укинување на задолжителната воена служба, а особено укинување на лекарските прегледи за регрутација, кои веќе започнаа, иако требаше да почнат дури во средината на 2027 година, посочи таа.
Меѓу барањата на младинското движење се и безусловна меѓународна солидарност, како и итно запирање на производството на оружје во берлинската населба Вединг.
– Не сакаме да поддржуваме геноцид, порача Фелдер.