Остра дебата на главните актери пред изборите во Шпанија
Лошите односи меѓу премиерот Санчез и лидерот на опозицијата Феихо им се очигледни на Шпанците веќе со години, но тоа стана сосема видливо во четвртокот вечерта
Шпанскиот премиер Педро Санчез и лидерот на Народната партија од десниот центар, Алберто Нуњез Феихо, разменија остри зборови во жестока телевизиска дебата во четвртокот вечерта, упатувајќи последен апел до гласачите пред општите избори, кои би можеле да доведат до формирање десничарска влада поддржана од екстремно десничарската партија Вокс.
Личната нетрпеливост меѓу Санчез и Феихо беше очигледна за време на дуелот, при што двајцата лидери се судрија околу прашањата за миграцијата, корупцијата, економијата и јавните услуги. Феихо ја претстави владата на Санчез како неспособна и етички компромитирана, додека Санчез го обвини конзервативецот дека е во расчекор со Европа поради неговото прифаќање на Вокс.
Гледајќи надвор од границите на континентот, Санчез се претстави себеси како прогресивна противтежа на Доналд Трамп и глобалната екстремна десница, додека Феихо го повика помалку да се фокусира на меѓународните прашања, а повеќе на проблемите со кои се соочуваат Шпанците во својата земја.
Иако двете партии се речиси израмнети според рејтингот со околу 30 отсто, премиерот го очекува тешка борба за да остане на власт.
Според анкетите, Вокс ужива поддршка од 19,6%, што го доведува десничарскиот блок блиску до половина од гласовите – а Феихо во силна позиција да ја формира следната влада. Во меѓувреме, двете главни партии лево од социјалистите, Френте Амплио и Подемос, заедно имаат рејтинг од 8,1 отсто, што му остава на таборот на Санчез малку простор за обезбедување владејачко мнозинство.
Со оглед на ваквата состојба во анкетите, и Санчез и Феихоо ја искористија дебатата во четвртокот како можност да ги придобијат неопределените гласачи, како и оние од избирачкото тело кои сè уште не се сигурни дали воопшто ќе излезат на гласање
Феихо се обиде да се претстави како сигурен и стабилен лидер, додека владеењето на Санчез го прикажа како период на лошо управување, наведувајќи ги како доказ двете железнички несреќи со смртни последици што се случија оваа година.
Лидерот на Народната партија го поврза влошувањето на состојбата на шпанската мрежа за брзи возови – која некогаш беше извор на национална гордост – со владината корупција и негрижа. Тој го праша Санчез дали навистина верува дека патниците сè уште можат да патуваат со воз без страв. „Јас самиот сум патувал со брзи возови 130 пати во текот на изминатите неколку години“, рече тој. „И му благодарам на Бога што, сепак, можам да присуствувам на оваа дебата вечерва“.
Феихо, исто така, се осврна на сè подлабоката станбена криза во Шпанија – која Санчез ја наведе како главна причина за распишување на предвремените избори – и постави прашање што всушност постигнала владата откако дојде на власт во 2018 година. Премиерот имаше потешкотии да одговори на обвинувањето на Феихо дека не успеал да ги обезбеди ветените станови, притоа повторувајќи го ветувањето дека ќе спроведе прогресивни мерки во станбениот сектор доколку биде реизбран.
Феихо се обиде да го дискредитира учинокот на Санчез, напаѓајќи го интегритетот на неговата влада преку набројување низа скандали и судски истраги во кои се вмешани луѓе од најблискиот круг на премиерот. Санчез возврати обвинувајќи ја Народната партија дека е „најкорумпираната партија во историјата на оваа земја“, притоа посочувајќи на повеќе судски случаи. Феихо ги отфрли тие скандали како „минато свршено време“ и се обиде да се претстави како „чесен“ лидер каков што Шпанија заслужува.
Двајцата лидери понудија дијаметрално спротивни дијагнози за шпанската економија, како и спротивставени ветувања за тоа како таа да се поправи. Санчез наведе низа бројки за да го истакне силниот раст и отворањето работни места во Шпанија за време на неговиот мандат, додека Феихо доведе во прашање дали тие резултати навистина го подобруваат животот на обичните Шпанци. Обвинувајќи го премиерот дека „ја уништил средната класа“, тој остро забележа дека гласачите „не можат да го јадат БДП-то“.
Лошите односи меѓу двајцата лидери им се очигледни на Шпанците веќе со години, но тоа стана сосема видливо во четвртокот вечерта. Тие пристигнаа во студиото за дебата 20 минути порано и го поминаа тоа време во тишина, читајќи ги своите белешки, без да разменат ни збор, па дури ни да се погледнат еден со друг.
Феихо и Санчез применија сосема спротивни стратегии: додека конзервативниот лидер тргна во офанзива уште од самиот почеток, Санчез се обиде да остави впечаток на прибраност.
Феихо беше немилосрден во нападите врз премиерот, доведувајќи ја во прашање неговата пристојност во неколку наврати за време на дебатата.
Забележувајќи му на Санчез што не присуствувал на погребот на жртвите од неодамнешната железничка несреќа во Урда, конзервативниот лидер го потсети својот противник дека тој „танцувал на еден митинг“ само 48 часа по трагедијата. „Да ви умреше некој член на семејството, дали и вие ќе почневте да танцувате?“
По завршувањето на дебатата, еден претставник на Социјалистите изјави дека тоа било приказ на „добра политика наспроти лоши манири“, додавајќи дека Санчез „не се насочил кон тврдото гласачко тело, туку кон поумереното крило“. Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека меѓу неопределените гласачи несразмерно голем број се жени, како и гласачи од центарот или од левиот центар.