Спор околу фосилните горива ја одложува завршницата на климатската конференција COP31 во Анталија


Анталија – Неизвесен е исходот на Конференцијата на ОН за климатски промени COP 31 што се одржува во Анталија, откако од нацртот на завршната декларација на состанокот е изоставена одредбата за постепено напуштање на фосилните горива.

Тоа предизвика остри реакции кај климатските активисти, кои изоставувањето на нафтата, гасот и јагленот од документот го оценија како „голем чекор назад“.

Конференцијата треба да заврши денеска, но, како и на климатските самити во изминатите години, сè поизвесно е дека преговорите ќе продолжат и по предвидениот рок.

Дипломати од речиси 200 земји од 9 ноември разговараат за мерките за справување со глобалното затоплување, како и за ветената финансиска помош за посиромашните земји.

Новиот нацрт на завршната декларација, објавен синоќа од раководството на конференцијата, не содржи повик за постепено исфрлање од употреба на нафтата, гасот и јагленот, за разлика од претходната верзија. Тоа отвори прашања дали обврската за постепено напуштање на фосилните горива ќе биде изоставена и од конечниот документ.

Шефот на ОН за климатските промени, Сајмон Стил, изјави дека постепеното напуштање на фосилните горива било договорено во 2023 година, нагласувајќи дека тој договор и натаму важи.

За денеска се очекува објавување нова, ревидирана верзија на завршната декларација.

Според ОН, за конференцијата биле регистрирани 119.425 делегати, но акредитациски беџови подигнале 69.315 учесници.