Станбената криза во Европа се продлабочува, владите бараат решенија среде растечко незадоволство


Наоѓањето достапен станбен простор стана главна грижа за милиони Европејци, бидејќи цените продолжуваат да растат, а понудата не може да го следи темпото на побарувачката. Владите ширум Европа бараат начини да го зауздаат ​​растечкото незадоволство кај јавноста. Почнувајќи од 20 ноември, во неколку европски земји започнува тридневен бран на координирани протести против станбената криза.

Според податоците на „Еуростат“ (Eurostat), статистичката служба на ЕУ, од 2015 година цените на станбениот простор во Европската унија се зголемени за речиси 70%, додека кириите пораснале за 25% – што значително го надминува растот на приходите. Најголем скок на цените е забележан во Португалија, по што следува Холандија.

Европските земји спроведуваат различни мерки во обид да го олеснат финансискиот товар врз домаќинствата.

Шпанија

Иселувањето на 87-годишната Марикармен Абаскал од домот во кој го поминала целиот свој живот во септември предизвика револт низ целата земја. Притисокот од јавноста доведе до донесување нови закони со кои се ограничува присилното иселување на станарите, како и шпекулациите со недвижности. Сепак, законодавците го отфрлија предлогот за автоматско продолжување на договорите за закуп – што беше едно од клучните барања на демонстрантите. Десничарската опозиција, која води во анкетите, вети дека ќе ги укине овие мерки доколку победи на изборите.

Уште во 2023 година, левичарската влада донесе закон со кој се предвидува изградба на повеќе социјални станови и воведување контрола на кириите во регионите каде што кризата е најтешка. Сепак, досега овие мерки се применети само на одредени локации.

Барселона, еден од најпосетуваните градови во Европа, се обврза да ја зголеми понудата на станбен простор преку одбивање да ги продолжи дозволите за околу 10.000 краткорочни туристички изнајмувања, кои се реализираат преку платформи како „Airbnb“.

Португалија

Централно-десничарската влада на премиерот Луис Монтенегро се потпира на даночни олеснувања за да ги охрабри сопствениците на недвижности да ги стават своите домови на располагање за изнајмување. Администрацијата, исто така, ги зголеми даноците за купување недвижности направени од странски државјани кои не се постојани жители на земјата.

Меѓутоа, во септември, парламентот одобри реформа на пазарот на изнајмување што ги поедноставува и забрзува процедурите за присилно иселување на станарите во случаи на неплатена кирија. Оваа одлука предизвика бран протести.

Холандија

Владата на една од најгусто населените земји во Европа воведе ограничувања на киријата за голем дел од приватните станови. Сепак, многу сопственици избраа да ги продадат своите имоти наместо да ги изнајмат. Ова доведе до намалување на понудата, додека кириите за имоти кои не подлежат на овие ограничувања продолжија да растат.

Порано оваа година, владата објави нови мерки за забрзување на изградбата на станови, со цел две третини од новите имоти да останат прифатливи – и за купување и за изнајмување.

Од 2023 година, центристичката влада вети дека нагло ќе ја зголеми понудата на домување со стимулирање на нова градба и проширување на пазарот за изнајмување – вклучително и со ублажување на еколошките барања. Закон за кој моментално се дискутира во парламентот предлага олабавување на правилата што бара од сопствениците да ја подобрат енергетската ефикасност на лошо изолираните домови пред да можат да се изнајмат. Крајната десница инсистира овие барања целосно да се укинат. Законот, исто така, вклучува одредби за поедноставување на процедурите за изградба на станови и нудење поголеми даночни олеснувања за приватните сопственици на недвижности.

Германија

Недостатокот на прифатливи станови за изнајмување доведе до повторно појавување на станбените задруги во Германија – здруженија во сопственост на нивните членови кои нудат алтернатива и на традиционалното изнајмување и на индивидуалната сопственост на домот.
Жителите купуваат акции во задругата, која ги поседува и управува со имотите, и плаќаат такси за своите домови. Овој модел помага да се намалат трошоците и ги штити станарите од шпекулации. Во моментов, задругите управуваат со приближно 10% од становите за изнајмување во Германија.

Од 2010 година, регионите што се соочуваат со најголем недостиг на домување воведоа ограничувања на кириите за нови договори за закуп. Иако овие мерки помогнаа да се ограничи растот на цените, тие исто така доведоа до пад на новата изградба.

Левичарската партија „Левицата“ (Die Linke) ја постави станбената криза во Берлин како централно прашање на неодамнешните локални избори, ветувајќи експропријација на десетици илјади станови што се во сопственост на корпоративни станоиздавачи. Сојузната влада се обидува да ја спречи таквата мерка.

Велика Британија

Лабуристичката влада планира да ја зголеми понудата на станови преку изградба на 300.000 единици за социјално домување и обезбедување финансиска помош за лицата кои за првпат купуваат дом. Владата, исто така, го забрани иселувањето на станарите без валидна основа и го ограничи зголемувањето на кириите на еднаш годишно.

Сепак, високите каматни стапки, даночниот товар и регулаторните барања продолжуваат да ја попречуваат новата изградба и напорите за решавање на хроничниот недостиг на станови.

Италија

Протестите против станбената криза ја поттикнаа владата на премиерката Џорџа Мелони да ги намали даноците на приходите од кирии, со цел да ги охрабри сопствениците на имот да ги стават своите станови на пазарот. Долгорочно, владата планира да обезбеди приближно 100.000 дополнителни станбени единици во текот на следните десет години. Ова треба да се постигне преку реновирање на постојниот фонд за социјално домување и изградба на нови домови, во комбинација со поедноставување на административните процедури.

Грција

Грчките власти ги насочуваат своите напори кон ограничување на наглиот пораст на краткорочното издавање имоти во една од најпопуларните туристички дестинации во Европа – конкретно во Атина и Солун.

Владата, исто така, ја ограничи програмата „Златна виза“, која им овозможува престој на странци што купуваат недвижен имот. Критичарите на оваа програма тврдат дека таа ја намалува понудата на станови достапни за грчките граѓани. Државните субвенции овозможуваат станбени кредити со намалени каматни стапки за оние што за првпат купуваат дом.

Достапни се и јавни средства за сопствениците на имот кои ќе се обврзат, по извршеното реновирање, да ги издаваат своите имоти на долгорочна основа.