Не може во некоја општина да „дивее“ некоја градба, а градоначалникот да нема право да ја сопре


Фото: Б. Грданоски

Поголеми надлежности на градоначалниците и локалните власти, за да можат општинските проблеми побрзо да се решаваат, пристап до европските фондови, но преку Унијата на европски градови и одлична соработка со централните власти, без оглед на политичката припадност на градоначалниците се дел од решенијата кои беа предложени на денешниот Меѓународен форум на градоначалниците „Модерни општини“, што го организира Универзитетот за угостителство и туризам.

– Општините и градовите во Македонија ќе мора да си ги добијат правата и обврските, но тие бараат голема одговорност. Порака до Владата и до идните влади: Ние потрошивме 30 години со еден измислен термин, а тоа е децентрализација. Нас децентрализација по 32 години не ни треба, треба Владата да и ги врати на секоја општина, на секој град правата и надлежностите коишто ги имаше до 1990 година, а тоа е дека секој градоначалник во своите надлежности имаше сѐ од ингеренции, освен службите за државна безбедност и армијата – рече Аце Миленковски професор на Универзитетот за угостителство и туризам.

Тој потенцира дека шетајќи по другите земји и посетувајќи други градови може да забележиме дека се чисти, средени, со одлични булевари, средени улици, паркови, а тоа во нашиот град го немаме, а тоа е така затоа што во 90-тите години сѐ, сите ингеренции беа пренесени на централно ниво.

– Не може некаде во некој град да дивее бесправно и бескомплетно документирана градба, а притоа градоначалникот да нема право и надлежност тоа да го сопре – рече Миленковски, кој до 2005 година беше градоначалник на Општина Чаир.

Тој низ пример објасни дека во Битола за реконструкција на едно мовче од 14 метри, градоначалникот четири месеци собира триесетина решенија во фаза на одобрување за реконструкција, камо ли да градите.

Најмладиот градоначалник на израелскиот град Бат Јам, Цвика Брот кој бил советник на поранешниот претседател Доналд Трамп, а работел и како политички новинар, појасни дека во неговата држава имаат федерална и локална влада. Локалните проблеми, целата инфраструктура, она што треба да се гради, руши, поправа на ниво на град е во надлежност на локалната власт.

– Јас напоравив широка коалиција на локално ниво. Во таа коалиција се речиси сите партии, без разлика на политичката ориентација, религиските претставници и другите, а соработката со Владата оди одлично, без разлика што јас доаѓам од опозицијата, затоа што како новинар лично ги познавав сите министри, па на тој начин доаѓам до решенија. Општините во Израел одлично функционираат, без разлика дали нивниот градоначалник доаѓа од партијата на власт или од опозиција – рече Брот.

Претставникот на градоначалничката на Париз Ен Идалго, д-р Жан-Ив Ками, рече дека во Париз, за големите и значајни објекти, кои се сметаат за историски, ингеренциите ги има Владата. За пример ја посочи Богородичната црвка, која пред неколку години беше зафатена од пожар, а нејзината обнова одеше преку централно ниво на власта, затоа што за нив се потребни многу пари, а буџетот на градот тоа не може да го поднесе. Градот може да се грижи само за одредени објекти кои се помали, но само за нивната безбедност.

Тој порача дека Скопје и другите градови во Македонија треба да бидат дел од унијата на европски градови, кои имаат големи фондови, кои можат да помогнат во предизвиците со екологијата, снабдување со вода и слично

– Повеќето пари од ЕУ фондовите одат во државите, а тие пари не стигнуваат до општините, затоа треба да се лобира, како претендент за членка на Европската унија, македонските градови да бидат дел од таа мрежа – рече Ками.

На Форумот, градоначалници од Франција, Израел, Словачка и Бугарија ги споделија искуствата од менаџирањето на нивните општини.