Не мешајте се со трици, ќе ве изедат свињите


ЕРОЛ РИЗАОВ

Татко ми, лесна му земја, одамна е на оној свет, преку ноќ осиромашен бег, беше олицетворение на добрина и мудрост, со добри манири, само тоа му остана по револуционерните закони кога дојдоа времиња да се има, па да се нема. Омилени му беа укажувањата со народни поговорки и мудрости. Зборуваше без грам горчина,  лаконски, онака мекамлиски, тивко и јасно, збор по збор, секој како алтан да е. Кога на нешто ќе се пожалев, дека ми е направена неправда, ми велеше – синко, прво види колку си ти виновен, а потоа другите. Ако си размислил добро, си можел да ја одбегнеш таа непријатност. Не мешај се со трици, ќе те изедат свињите. Не фрлај камен во гериз, ќе се испрскаш. Не барај работа од мрзлив, ќе ти даде ум… Што да ви кажам, екстракт од мудрости и лични искуства кои лесно се учат, а тешко се применуваат, сè додека не се увериш кога ќе се попариш. Доцна е кога ќе вреснеш, па можеше ли да испаднам толкава будала, кај ми беше умот.

Како утешение, велат, тоа му се случува на секого. Ако е еднаш, ај два пати, ај три пати, ај пет пати, ај сто пати, нека е простено до илјада пати. Добро, прифаќам дека на будалите отпосле им текнува. Ама ако секој ден со години испаѓаш абдал и лесно прелажан шапшал, галиба ти нема спас. Тоа е тоа, нема лек, но што правиме ако тоа што  ни  се случува само нам, му се случува и на огромното мнозинство граѓани, безмалку на сите, кога со години сме лесно прелажани и онеправдани, покрадени, осиромашени и понижени од луѓе на кои не можеш ни мрсул да фрлиш, кога нè вртат на мал прст арамии, ајдуци, криминалци, насилници, дали тоа значи дека сите ние што ги трпиме и величаме овие душовадници  навистина сме неизлечиви лудаци и идиоти, или целиот систем ни е со тешка фабричка грешка кој произведува стока со вградена генетска мана, која потоа како бофл оди на распродажба како на акшам пазар кога не се гледаат дефектите и оштетувањата. За таквата состојба, татко ми, подучен од неговиот татко, од дедо ми, учесник во Младотурската револуција од времето на Хуриетот, ми велеше, тоа ти е време кога сите викаат да живее слободата, а од таа силна ѓурултија побудалува народот, па чека од утре да тече мед и млеко.

Сè повеќе сум убеден дека сега сме баш во една таква  ситуација кога сите викаат да живее слободата, а народот, што би рекле патриотите, е ептен шашардисан, подготвен  како стасано тесто за месење и печење. Така, всушност, и стасувало тестото за месење со викање и со покривање со крпи да стои на топло, блиску до оган. За тоа има секојдневни докази во милион случаи во изминатите две години и кусур на анархична слобода и стабилна рушвет парада на криминалната банда која работи непречено, и кога е на власт, и кога е во опозиција.

Ајде малку да ги поедноставиме работите за да видиме како при здрава памет сосема свесно и кога знаеме дека нè лажат стануваме токмаци и невидени какавани. Власта дневно сто пати вели ние сме за  владеењето на правото, демек, делењето на правдата мора да биде еднакво за сите граѓани. Никој не може да биде поштеден ако се огрешил од законите, ако украл, ако бил корумпиран или делел мито, ако направил злодела, без оглед на која партија припаѓа, на која нација и вера и на која позиција се наоѓа во хиерархијата на политичката и деловната моќ. Уште поразбирливо кажано, секој што направил апашлак, проневера или какво било зло кое се коси со законот ќе оди во затвор, се разбира, ако се докаже на суд. Тоа го вели власта упорно и папагалски дење, ноќе, откако ја презеде одговорноста за вкупните состојби во земјата, охрабрувајќи го судството да дели правда според законот, ни по чичино, ни по стринино. Сега откако пукна аферата „Рекет“, власта уште погласно бара правда за сите инволвирани во аферата, кој што посеал, велат, треба и да ожнее. Убаво кажано, ама ненаправено.

Види мајката, истото тоа го вели и опозицијата и по илјада пати на ден вреска хистерично: владеење на правото, владеење на правото, „држ’те го крадецот“, бараме пресметка со организираниот криминал и корупција без селекција. Секој што се огрешил од законите да одговара, „нема правда, нема мир“, СЈО да си оди дома, ние ќе донесеме јавни обвинители какви што ѝ требаат на државата и на партијата.

И жртвите, граѓаните, речиси без исклучок врескаат владеење на правото, сите апаши во затвор. И светот од сите страни, од Брисел и од Вашингтон, од Лондон и од Париз, од Хаг и од комшискиот праг, ни велат прво владеење на правото, па преговори со Европа. Каков рашомон, човече, сите бараат правда, а правда нема. Или сите лажат или ние сакаме да бидеме повторно и повторно излажани оти уште веруваме по сите прелаги дека правдата ќе ги стаса грешниците.

Кој ѝ бранеше на власта во изминатите две и кусур години да ја врати довербата во правдата, да направи амбиент дека мора да биде достижна и еднакво одмерена според законите. Зошто по едногласното прифаќање на Специјалното јавно обвинителство од сите релевантни политички партии и парламентот, кое од првиот ден беше попречувано да работи од тогашната влада и од премиерот Никола Груевски, од тогашното јавно обвинителство на чело со Марко Зврлевски, од Судскиот совет, од претседателот на државата Ѓорге Иванов со неговите бесмислени аболиции и пишман аболиции и безмалку од сите инстанци на правосудниот систем, не донесе под итно строг закон за казнивост за попречување на правдата? Тие што најмногу ја попречуваа правдата  од позиција на сила и моќ не седнаа на обвинителна клупа, а и тие малкумина што  беа осудени избегаа од издржување на казната и соочување со другите тешки кривични дела за кои се товарат. Ако се потеа на обвинителната клупа и Груевски и претседателот Иванов и обвинителот Зврлевски и судиите од Судскиот совет и сите што ја попречуваа истрагата за најголемите прекршувања на човековите права и слободи по Втората светска војна во Македонија и за најголемите грабежи и разуздано трошење на парите на граѓаните и на идните генерации, сигурно дека денеска ќе живеевме во земја каде што владеењето на правото ќе беше на многу повисоко ниво отколку што е сега на 56. место во светот, мерено меѓу 122 земји. Без строг закон за казнивост за попречување на правото и правдата нема успешна борба против криминалот и довербата во судството.

А што направи опозицијата? Наместо казна, бараше амнестија и ослободување од одговорност на сите свои криминалци. Кој ѝ бранеше на опозицијата да излезе со став за проширување на ингеренциите на Специјалното обвинителство да се гони криминалот како на довчерашната, така и на новата власт? Никогаш лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски не се огради од криминалниот врв на ВМРО-ДПМНЕ, туку, напротив, изнесе готови ослободителни партиски пресуди дека се работи за невини луѓе кои се жртви на политички прогон. Дека сите обвинувања се наместени и оркестрирани однадвор и однатре само за да се урне многу успешната власт, со цел Македонија да биде обезличена и обезимена. Истата лага како онаа „сè е сечено, лепено, креирано“, само сега ставена во ново пакување, јавнати на аферата „Рекет“ за да се дојде на власт. Сега Мицкоски го гони криминалот на СЈО и на власта, барајќи слобода за своите арамии.

Тие што владееја со Македонија 11 години без контрола и ги ограбија граѓаните и државата не можат ни еден ден да останат без власт. Тие пак што дојдоа на власт и ја ослободија заробената држава си го заробија сопствениот ум и не знаат што да прават со слободата. На човека му доаѓа да го повика Груевски да си дојде дома и да им покаже како се суди. Што да ви кажам – се измешаа со триците, ако не прогласат свинска чума, ќе бидат изедени. Не ми е жал за нив кога се некадарни да се пресметаат со криминалците при поседување на сите механизми на власта и силна поддршка во јавноста за владеење на правото. Ќе биде голема историска неправда, за по сето она што го постигнаа  со несфатлива леснотија да ги урнат шарлатани и ебиветри и да ја вратат државата поназад од тоа кај што беше пред две и пол години и пред 20 години.