Не ја дочекаа оставката на Заев и поднесоа иницијатива за недоверба на Владата


Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, соопштува дека е поднесена иницијатива за недоверба на Владата

Лидерот на Алијансата, Зијадин Села, изјави дека проблематизирањето на потписите на Левица било дел од пропагандата на ДУИ

 

Откако стана јасно дека премиерот Зоран Заев нема да поднесе оставка во рокот што како ултиматум му го зададе Христијан Мицкоски, партиите што го сочинуваат новото парламентарно мнозинство поднесоа иницијатива за гласање недоверба на Владата. Ова го објави Александар Николоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција во Собранието.

Тој во изјава за медиумите истакна дека иницијативата е поднесена од страна на 61 пратеник, иако во текот на денот Скендер Реџепи од Алтернатива соопшти дека не сака неговиот потпис да се наоѓа покрај оние на Левица.

„Иницијативата е поддржана од ВМРО-ДМПНЕ и Коалицијата за обнова на Македонија, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, партијата Беса и партијата Левица. Вкупно се потпишани 61 пратеници“, нагласи Николоски.

Во текстот на иницијативата, кој го пренесува „Слободен печат“ се вели дека „Владата предводена од СДСМ и ДУИ, не донесе значајни резултати во претходните пет години, туку напротив, владее со измами и пазарења, за сметка на најважните прашања за народот.

Наместо да го сочуваат достоинството на државата и нејзините граѓани, тие за секој одминат ден се’ повеќе го потонуваат народот во сиромаштија, непрекинат раст на инфлација и афери кои се мултиплицираат на дневна основа.

Владата предводена од Зоран Заев ги изневери граѓаните, што се виде од резултатите на одржаните локални избори, кои всушност беа рефендумско изјаснување против сегашната Влада и нејзините политики.

Изминативе 5 години се доказ дека оваа влада владее со конфликти и нѐ оддалечува од Европската унија, само со една цел, а тоа е одбрана на криминалот и одбрана на политичките кариери и привилегиите коишто безмилосно ги уживаат функционерите на власт на грбот на народот“, поради тоа потпишаните пратеници бараат да се изгласа недоверба на Владата.

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, денеска ја коментираше изјава на пратеникот на Алтернатива, Скендер Реџепи, и рече дека тоа не е причина да се констатира дека новото парламентарно мнозинство е пропаднато.

„Никој не е дете и секој знае дека листата што е потпишана е потпишана за да падне владата. Идејата за владата да падне, да има ново мнозинство, е граѓаните да бидат послободни. Нема да навлегувам во детали затоа што воопшто не е вистинито тоа што го слушнав. Немам потреба некого да мамам“, рече Села.

Според Села, ставот на Реџепи не мора да значи дека е пропаднато новото парламентарно мнозинство бидејќи е најавено дека денеска ќе почне процедурата.

Прашан дали за него се проблематични потписите на Левица, тој истакна дека целата работа што се тера е дел од пропаганда на ДУИ.

„Се зборува за една политичка партија која што е сега формирана и која има два пратеника. Тие ниту се во можност да ја тргнат Македонија од патот на НАТО, ниту се во можност да го тргнат јазикот од законот за упопотреба за јазиците, а на никаков начин не можат да го тргнат признавањето на Република Косово. Овој начин на водење на ПР е многу низок и го покажува лицето на ДУИ, на кој им е важна само власта“, рече Села.

Седницата на гласањето за недоверба на Владата треба да се одржи в четврток.

Од СДСМ и денеска нема никаков знак што ќе прави партијата во наредните денови и што станува со најавената оставка на Зоран Заев.