„Не е важно дали авторите се млади или стари, туку дали темите се актуелни или застарени“ : Интервју со Симона Јованоска, добитничка на наградата „Роман на годината“

Ме вознемирува суетата што владее меѓу авторите, изоставената поддршка од колегите автори кои те доживуваат како конкуренција, а не како соборец во афирмирање на домашното литературно наследство, вели Јованоска во интервјуто за „Независен“


Фото: Г. Лалковски

Нејзиниот влез на книжевната сцена се случува речиси незабележано, пред седум години, со збирката раскази „Ги најдов во длабокото“ (Или-Или, 2015). За својот дебитантски роман „Денот на црвот“ (Или-Или, 2021), Симона Јованоска ја добива престижната награда „Роман на годината“ за 2021, што традиционално ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“. 

Сите се прашуваат која е младата и симпатична авторка , која го освои жирито, во состав: Владимир Јанковски, Катица Гароска Ацевска, Ермис Лафазановски, Лилјана Пандева и Катерина Богоева, чиј рецензент на романот и беше познатата авторка Јагода Михајловска-Георгиева и која ја прими претседателот Стево Пендаровски ? 

Во искрено интервју за „Независен“, Јованоска открива сѐ за себе, за своите почетоци, радости, стравови, и иднина на македонската книжевна сцена.  

Фото: Г. Лалковски

Прв роман, па веднаш награден како  „Роман на годината“ во конкуренција од 39 романи на фондацијата „Славко Јаневски“,  големо признание меѓу македонските автори, со убава парична награда . Дали наградата очекувате да ви го смени животот или креативниот набој?

-Да, баш така како што кажавте, или како што и самата сакам да се пошегувам „Прв Црв до врв“. Од една страна чувството е преубаво, да се добие ваква престижна награда особено со дебитантски роман, од друга – чувствувам мал притисок. Она што ќе го напишам и можеби објавам следно, чувствувам дека треба да биде многу подобро од наградениот роман. Но, по природа сум љубопитна и секогаш ме интересираат границите кои со пишувањето можам и сакам да ги пробијам, убедена сум дека истото чувство ќе ме држеше и доколку не победев. Верувам во личен прогрес и работам на истиот. Што се однесува до промена на животот или креативниот набој, досега тоа не се случи, не очекувам да се смени било што драстично по ова прашање.

 

Дали притисокот е помал или поголем со оглед дека сте непозната на македонската книжевна сцена ?

Би рекла дека притисокот за овој роман беше помал, со оглед на тоа што е прв и не може да се споредува со мои претходни истородни дела. Дополнително, јас градам и негувам неформален однос кон делото и пишувачкиот процес. Важно ми беше патувањето, искуството и пред сé забавата што ми се случуваше во главата додека ова дело раснеше и попатно менуваше форми. Од друга страна, притисокот кај мене делува стимулативно, па се надевам ќе биде во функција на квалитетот на она што би го објавила следно.

 

Која е Симона Јованоска?

Мајка сум на два сина, едниот шест години, другиот две и пол. Со маж ми сме заедно долго, тој ми е огромна поддршка во ова. По потекло сум од Гостивар, таму завршив средно и често одам за викенди за да се видам со дрги луѓе. Работам како копирајтер во маркетинг агенцијата Футура 2/2, имам многу тесен круг на другари и нешто поширок на пријатели. Вежбам, премногу сакам музика, во слободно време читам, гледам филмови и серии.

 

Што е толку фасцинантно кај црвот, па му посветувате роман?

Кога почнав да ја пишувам книгата, немав намера да го позиционирам црвот како протагонист преку кој ќе ја пренесам суштинската порака. Знаев само дека со него треба да ја отворам приказната и на некој начин да ја затворам со простор за слободно толкување. Но, се покажа дека неговиот лик попатно се обремени со карактеристики блиски до човекот, се продлабочи и се издиференцира во однос на позадината, почна да се појавува споредно низ некои од приказните во нишката, секогаш беше на некој директен или метафоричен начин присутен во ова со својата ненаметлива доминација. Неговата едноставност е фасцинантна сама по себе, а кога истата е надополнета со идентитет, тогаш добива една гротескна димензија, достојна да носи приказна како оваа на својот прстенест грб.

 

Рецензентката Јагода Михајловска-Георгиева констатира дека романот „изобилува со свежи компарации, ненаметлива духовитост, одмерена доза сарказам. И без исклучок: проникливост и интелигентност!“ Таа ве откри вас, или вие неа?

Запознавањето со авторката и мојата драга пријателка Јагода Михајловска Георгиева е интересно. Имено, во една прилика мојот издавач Ненад Стевовиќ ми се јави да ми каже дека познатата авторка ја купила мојата збирка раскази „Ги најдов во длабокото“ и расказите ѝ се допаднале толку многу што за нив (и за мене) говори во позитивен контекст во своето интервју за Културен живот. Потоа ми даде нејзин телефонски број за контакт, се слушнавме и договоривме кафе. Ова се случуваше пред короната и за жал до овој момент тоа ни е единственото заедничко кафе, но се надевам во најбрзо време повторно ќе ја видам и ќе си помуабетиме во живо. Би рекла дека се откривме истовремено, делиме сличен сензибилитет, смисол за хумор и приземност, и сум многу среќна што токму таква личност беше моја поддршка за целиот творечки процес.

 

Како е замислена структурата на романот и како ликовите се вкрстуваат и се спојуваат?

Структурата на романот опишана во една реченица би била one things leads to another, односно една приказна води кон друга. Романот е составен од 19 различни приказни, а со тоа различни ликови, мудови и сензибилитети. Тоа беше голем предизвик за мене како автор, зашто целта ми беше да го држам чувството кое провејува низ книгата како константа додека ликовите низ него дефилираат секој со свои проблеми и интереси. Исто така постоеја и споредни предизвици, какви што се предизвикот да не се фаворизира лик ниту дело, да се пародизира оптимално без да се изгуби од сериозност, итн.

 

Во ова време-невреме многу автори се дистанцираат од реалните случувања, а вас едно таково искуство, напротив, ве мотивира да напишете роман.

Тоа веројатно се должи на оптималната комбинација на мазохизам, љубопитство и креативен импулс коишто постојат кај мене. Да не постоеа овие елементи веројатно никогаш немаше да напишам книга, најмалку за време на пандемија. Цврсто се држев до приказната, развивањето на ликовите и нивните идентитети, слободи и особини. Се забавував цело време, што ми е особено важно додека пишувам – мене да ми е забавно и да го достигне мојот читачки стандард. Тоа ми е најтешко, со оглед на тоа што сум строга и самокритична, но се трудам да го ставам во функција на квалитетот на следното дело.

Фото: Г. Лалковски

Поднасловот на вашиот победнички роман гласи: Со чудата треба да се внимава. На што мислевте?

Чудата во нашето поднебје траат три дена. Тоа се петте минути на чудото, па тоа како такво, треба да ги искористи за да се манифестира во својот полн сјај. Истовремено, чудата се романтизираат, па од таму доаѓа реченицата дека со нив треба да се внимава – кога се случуваат, како се случуваат и за каква цел. И најважно, што се случува по нив и кој е нивниот импакт врз настаните, местата и ликовите. Нивната дополнителна еластичност се содржи во потенцијалот кој слободно можат да го толкуваат луѓето, дали чудото им носи екстра бенефит или ги уназадува, дали ги мотивира или ги кочи во прогресот. Ова размислување ми се виде интересно тогаш, а на издавачот како конструкција многу му се допадна оваа реченица, па одлучивме да оди како поднаслов и од дополнителна, естетска функција.

 

Кој ви го откри вашиот пишувачки талент со оглед на фактот дека вашата професија е поврзана со маркетинг?

Отсекогаш пишувам. Кога не пишувам, читам. Кога не читам, дејдримам. Размислувам, посматрам, анализирам. Симболичните награди кои попатно ги добивав ми беа дополнителен поттик и потврда дека сум добра во тоа што го правам. Но, морав да се потпрам на внатрешното чувство, да верувам на внатрешниот глас. Со оглед на тоа што не сум книжевнк и сум надвор од книжевните кругови, бев оставена „сама на себе“ во градење на пишувачкиот израз. Без трошка суета прифатив дека никогаш нема да им се допаѓам на сите и тоа е во ред. Имам тесен круг на луѓе кои ме читаат пред да објавам и верувам во нивниот суд и книжевен вкус. Си верувам на себе, внимавам да останам своја и пред читателот да излезам со свои идеи раскажани низ свој сопствен книжевен израз. Тоа е она што ние авторите го имаме за да се разликуваме еден од друг, зашто лаптоп и пристап до интернет имаат сите.

 

Зошто проза, а не поезија?

Немам одговор на ова, едноставно се пронаоѓам во прозниот израз, а тоа и преферирам да читам за себе па можеби затоа. Инаку, ветив дека ќе најдам повеќе време да читам поезија и тоа ќе биде поезија од домашни поети, па ништо не исклучувам за во иднина.

 

Што е сатисфакција за вас, како автор?

Како авторка, пронаоѓам сатисфакција во целиот пишувачки процес – од идеја до реализација. Сатисфакција ми е кога навечер ќе ме разбуди добра реплика, случка или карактеристика на некој лик, тоа ми е показател дека ликовите пуштаат корени во мене и се хранат со мојот потенцијал (плодна почва сум). Сатисфакција ми е упорноста, трудот и истрајноста да најдам време макар и во од, да напишам реченица до две и да го туркам процесот со baby steps. Не се откажувам од приказната во којашто верувам, па макар да треба да ја пишувам со години. Сатисфакција ми е кога по тон корекции ќе ја доведеме приказната до совршенство, па згора на тоа ќе добиеме одлично дизајнирана корица. Сатисфакција ми е добронамерниот фидбек од познати и непознати читатели, тоа е знак дека ме читаат, односно одвојуваат скапоцено време за она што сум го напишала. Наградите ми се сатисфакција, но не дозволувам да ме демотивираат доколку не ги освојам. Можеби најголема сатисфакција е фактот дека имам хоби кое е дел од мојот идентитет и со кое можам да се реализирам и истовремено да оставам книжевно наследство за моите деца.

 

Последниве години македонската писателска сцена полека ја преземаат младите автори. Кои се најголемите предизвици поставени пред нив и колку сте задоволни од тоа што се случува во издаваштвото кај нас?

Јас на темава можам да зборувам само од своето скромно искуство. Мило ми е што секој кој смета дека има што да каже, без разлика дали е проза или поезија, има прилика да го направи тоа. Не навлегувам во соодносот квалитет – квантитет, за тоа постои стручна и критика на пошироката јавност. Мислам дека не игра улога тоа дали авторите се млади или стари, туку поважни се темите за кои се пишува, дали се актуелни или застарени.

 

Што Ве радува, а што Ве вознемирува, и како автор и како граѓанин?

Како автор ме радуваат позитивните реакции и добронамерните негативни критики. Ме радуваат награди, преводи, секое следно издание е дополнителна радост. Ме радуваат луѓето кои ги запознавам и контактите кои ги остварувам благодарение на пишувањето. Ме вознемирува суетата што владее меѓу авторите, изоставената поддршка од колегите автори кои те доживуваат како конкуренција, а не како соборец во афирмирање на домашното литературно наследство. Како граѓанин ме радува стабилност на државата, некорумпирано општество, чист воздух, еднаквост пред законот, општа јавна култура, синергија меѓу народот и институциите. Ме вознемирува отсуството на сé погоре наведено во нашата земја, за жал.

 

Кои се вашите идни планови како автор?

Летово планираме да организираме средби низ градовите од внатрешноста со локалните читатели низ неформални дискусии и промоции. Во септември од печат излегува мојата прва детска книга во издание на „Чудна шума“ за која сум многу среќна и возбудена. Во моментов работам на својот втор роман чијашто приказна ме „мачи“ од нова година, но сé уште сум на почеток, ништо не форсирам, оставам самата да ме води низ своето течение. Се додека ми е забавно, ќе продолжам да пишувам без пардон .