Не е само челикот, по најавените царини може да страда целиот македонски извоз во САД
Просечната царинска стапка на Македонија за увоз на производи е 5,2 отсто и е меѓу повисоките во Европа. Просечната царинска стапка на САД е 1,49 отсто

Новиот принцип на реципрочни царини за увозот во САД, може од корен да промени меѓународната трговија, а вој вител сигурно нема да биде поштедена ниту македонската економија. Не само челикот, туку и севкупниот извоз од земјите во светот во САД се најде на удар по најновата одлука на американскиот претседател Доналд Трамп за реципрочни царини за сите производи што се увезуваат во најголемата светска економија. Претходната одлука се однесуваше на царински стапки од 25 отсто за увоз на челик и алуминиум и таа треба да почне да се применува од 12 март.
Дали и колку ќе биде погоден македонскиот извоз во САД, допрва ќе се прават анализи, но она што сега може да се посочи е дека просечната царинска стапка на нашата земја за увоз на производи, според податоците на Светска банка е 5,2 отсто и е меѓу повисоките во регионот и во Европа. Од друга страна, просечната царинска стапка на САД е 1,49 отсто.
Според податоците на Светска банка, во 2022 година, повеќето земји-членки на Европската унија имале просечни увозни царини од 1,3 отсто, што во голема мера било дефинирано со трговските договори потпишани на ниво на Унијата.
Така на пример, Италија, Унгарија и Словенија имаа просечна увозна царина од 1,3 отсто во 2022 година. Во исто време, Србија забележа просечна увозна царина од 1,7 отсто, Црна Гора 2,9 отсто, Албанија 3,2 отсто, Босна и Херцеговина 4 отсто и Северна Македонија 5,2 отсто.
Инаку, претседателот на САД покрај царинските стапки, изјави дека во предвид ќе се земат и даночните стапки, како ДДВ, но и вонцаринските бариери. Токму тие скриени давачки, кај нас често се посочуваат дека го оптоваруваат бизнисот.
Што се однесува до челикот, податоците на Царинската управа покажуваат дека не станува збор за големи количества. Македонија лани имала незначителен извоз на железо, челик, алуминиум и производи од овие метали во Соединетите Американски Држави, така што веќе објавените царини не се очекува директно многу да го погодат македонското стопанство во целина. Сепак, како што коментираат економисти, ударот може да биде поголем ако се земе предвид и индиректниот извоз што се реализира преку европските земји, каде што таквата размена е многу поголема.
Од Царината за „Независен“ велат дека во 2024 година во САД е извезен алуминиум и производи од алуминиум во количина од 26.515 килограми со вредност од 10,2 милиони денари и производи од железо и челик во количина од 206.378 килограми со вредност од 53,37 милиони денари.
„Во однос на трговската политика на САД, Македонија негува добри односи со Соединетите Американски Држави како еден од најзначајните стратешки партнери. Одличните релации помеѓу двете држави треба да поттикнат и продлабочена соработка на економски и безбедносен план“, велат од Царината.
Пред два дена на презентацијата на анкетата на странските инвеститори во земјава, претседателот на УО на „Макстил“, Димитар Цветковски, рече дека оваа компанија не е директно засегната од тоа, бидејќи за земјава има такви царини уште од 2018 година, но може да биде засегнат ако Европската унија воведе слични царини за да се заштити.
„Македонија веќе ги има тие царини и за нас важат од 2018 година наваму. Тоа што би можело да биде ризик за нас е ако Европската унија воведе слични царини за сите производители надвор од ЕУ за да се заштити, бидејќи ние од 60 до 70 проценти од нашето производство го извезуваме токму во ЕУ“, посочи Цветковски.
Според податоците на Државниот завод за статистика, вкупната размена на Македонија со САД лани изнесувала нешто над 314 милиони долари, наспроти 320,7 милиони долари во 2023 година, што значи била помала за 2,1 отсто. Извозот од Македонија во САД лани достигнал значајни 118,2 милиони долари, што е за 2,2 пати (220 насто) повеќе од претходната 2023 година кога бил 53,6 милиони долари. Истовремено, лани од САД биле увезени производи за 195,9 милиони долари, за 26,6 отсто помалку од 2023 година кога увозот во Македонија од САД бил 267 милиони долари.
Според податоците од американскиот Стејт департмент, „електричните машини и опремата на САД беа особено привлечни за увозниците во Северна Македонија. Главниот извоз во САД е тутун, облека, железо и челик“, стои на интернет страницата на Стејт департментот.
Инаку, вчера, претседателот Трамп вети дека ќе воведе „реципрочни царини“ за да ја врати „праведноста“ на трговските односи меѓу Соединетите Држави и остатокот од светот.
„Ако ни воведат царина или данок, ние им наметнуваме исто ниво на тарифи или данок, толку е едноставно“, рече Доналд Трамп во Белата куќа пред средбата со индискиот премиер Нарендра Моди.
Индија воведува тарифи од 25 отсто за американските автомобили, што би значело дека САД би можеле да го направат истото за индиските возила.
Идниот министер за трговија Хауард Лутник рече дека Трамп ќе го спроведе својот план до почетокот на април.
Од почетокот на неговиот втор мандат, американскиот претседател веќе воведе дополнителни тарифи од 10 отсто за кинеските производи – на што Пекинг одговори со целни дополнителни давачки за американските производи.
Вашингтон, исто така, се очекува наскоро да воведе царини од 25 отсто за челик и алуминиум што влегуваат во САД.
Претседателот призна дека цените „може да се зголемат на краток рок“ за американските домаќинства, но тој процени дека тие на крајот ќе паднат.
Според него, целата земја ќе има корист од овие тарифни бариери наменети за подобра заштита на националната индустрија од конкуренција и намалување на трговскиот дефицит на земјата.