НАТО крие информации од Орбан, Мицкоски му е близок партнер


НАТО и земјите членки кријат информации од унгарскиот премиер Виктор Орбан, пишува „vsquare“ оценувајќи дека, иако го дочекаа со ракувања и насмевки на самитот, моќникот од Будимпешта се третира – како закана во алијансата. Односнот кон Орбан одговара на дилемите – што прави НАТО кога на чело на некоја земја дојде лидер на кој не може да му се верува, бидејѓи освен за Унгарија неофицијално ваков однос сега се применува и на Словачка.

„Сомнежите за верноста на унгарското раководство долго време доведуваат до ограничувања во споделувањето информации, особено разузнавачки информации, од страна на другите членки на НАТО“, порача претставник на НАТО во Брисел.

Ова значи дека Унгарија добива помалку информации од своите сојузници, и билатерално и преку централните канали на НАТО.

„Проблемот е што последиците ги чувствуваат сите бидејќи членките споделуваат помалку чувствителни разузнавачки информации преку централните канали на НАТО, знаејќи дека Унгарија е исто така меѓу примателите“, рече претставникот на НАТО. „Наместо тоа, овие сензитивни информации на службите се споделуваат во други групи каде Унгарија не е вклучена“, додаде тој.

Најчесто, унгарските власти не се свесни за овие групирања и исклучувањето. И не се работи само за информации поврзани со војската.

„Дури и ако им веруваме на нивните високи разузнавачи, на крајот, ако споделиме информации со нив, тие може да завршат во извештаи што ќе стигнат до масата на Орбан. Нашиот проблем е политичкото раководство на земјата“,  рече поранешен заменик-шеф на цивилната разузнавачка агенција на една земја од ЕУ.

Истражниот центар Јан Куцијак откри дека  споделувањето разузнавачки информации од сојузниците на НАТО со Словачка исто така е ограничено откако владата на Роберт Фицо се врати на власт минатата година.

На фотографиите пак од самитот на НАТО се гледа нашиот премиер во повеќето прилики  во близина на унгарскиот премиер, а општо познат факт е дека од Орбан треба да дојде и фамозната милијарда заем за новата влада на ВМРО-ДПМНЕ.