Наспроти желбата на Мицкоски, Изет Меџити го поддржа протестот за ОВК во Скопје


Изет Меџити (Фото: Б. Грданоски)

 

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека е погрешен потег на лидерот на ДУИ, Али Ахмети кога најави протест за 13 декември во Скопјe за поддршка на поранешните лидери на ОВК, на кои им се суди во Хаг. „Јас не ја поддржувам таа идеја и не се согласувам со тој протест. Убеден сум дека ниту коалицијата ‘Вреди’ нема да го поддржи“, рече Мицкоски.

Неформалниот лидер нас „Вреди“, Изет Меџити (сега градоначалник на Чаир) не мисли како Мицкоски во чија влада до неодамна беше. Тој го поддржува протестот за ОВК.

Тој како градоначалник на Чаир, општина каде што треба да се одржи протестот, ќе даде согласност за негово одржување.

Меџити ги даде овие коментари во изјава за VOX Kosova, нагласи дека протестот е демократско право и дека „ОВК е национална гордост“.

„Во принцип, да (го поддржувам). Протестот е демократско право. Ние го сметаме протестот за демократска вредност, а ОВК е наша национална гордост“, изјави Меџити.