Насилниот крај на Нагорно Карабах

Конфликтот во Карабах датира од 1988 година, најавувајќи десетина последователни што ќе избијат во тогашниот Советски Сојуз и Југославија


Триесет и петгодишната војна повторно се разгоре. Стотици луѓе загинаа; десетици илјади од се раселени. Светот, фокусиран на Генералното собрание на ОН и војната во Украина, едвај забележа. На 19 септември, Азербејџан почна да гранатира градови и воени бази во Нагорно Карабах, ерменска енклава која долго се бори за независност. За помалку од еден ден, самопрогласената република беше практично разоружана и принудена на капитулација. Руските сили, распоредени наводно за да го спречат токму овој исход, пружија мал или никаков отпор. Според добродушното толкување, Русите биле затечени неподготвени. На спротивниот крај, постои претпоставка дека Русија го одобрила нападот, можеби во замена за одржување на своето воено присуство во регионот.

Конфликтот во Карабах датира од 1988 година, најавувајќи десетина последователни што ќе избијат во тогашниот Советски Сојуз и Југославија. Законски, Нагорно Карабах беше автономен регион во рамките на Азербејџан, конститутивна република на СССР. Бидејќи владата на Михаил Горбачов ги олабави политичките ограничувања, Ерменците од Карабах го бараа правото, за кое тврдеа дека е загарантирано со советскиот устав, да се отцепат од Азербејџан и да се приклучат на Ерменија, исто така конститутивна советска република. Москва го одби тоа барање. Во меѓувреме, судирите меѓу етничките Ерменци и етничките Азербејџанци во Нагорно Карабах предизвикаа насилство на други места. Во февруари 1988 година, антиерменските погроми во азербејџанскиот град Сумгаит однесоа десетици животи. Две години подоцна, за време на една недела антиерменско насилство во Баку, историски мултиетничкиот главен град на Азербејџан, беа убиени десетици луѓе. Илјадници етнички Ерменци избегаа од Азербејџан, каде што нивните семејства живееја со генерации. Некои од нив се качија во авион изнајмен од шаховскиот шампион Гари Каспаров, веројатно најпознатиот азербејџански Ерменец, кој исто така засекогаш ја напушти својата татковина.

 

Советскиот Сојуз се распадна во 1991 година и секоја од неговите петнаесет конститутивни републики стана суверена држави. За Ерменците од Карабах, ова значеше губење на каква било правна основа за нивните сецесионистички аспирации. Нагорно Карабах стана една од неколкуте етнички енклави на постсоветскиот простор кои се бореле за независност од новонезависната земја чиј дел беа – Јужна Осетија и Абхазија се обидоа да се отцепат од Грузија, Приднестровје се бореше да се одвои од Молдавија, Чеченија сакаше да ја напушти Русија. Во раните 1990-ти, секој од овие конфликти ескалираше во војна. Во секој од конфликтите надвор од нејзините граници, Русија ги поддржуваше сепаратистичките движења и, во повеќето случаи, ги користеше за распоредување трупи на теренот. Две децении подоцна, Русија го примени истиот план за да поттикне вооружен конфликт во источна Украина.

Борбите во Нагорно Карабах траеја до 1994 година. Двете страни прибегнуваа кон етничко чистење: планирано раселување и убивање луѓе врз основа на нивната етничка припадност. Москва тајно го поддржуваше Азербејџан во тој конфликт. Војната заврши со фактичка победа на Ерменците, кои успеаја да воспостават самоуправа на голем дел од територијата што ја презедоа, иако ниту една земја – дури ни самата Ерменија – официјално не ја призна независноста на Нагорно Карабах. Без разлика дали поради тоа што Ерменците победија, или затоа што конфликтот заврши кога Русија беше дестабилизирана во сопствената крвава уставна криза, Нагорно Карабах беше единствениот конфликтен регион во поранешната империја каде Русија не стационираше војници.

Во текот на следните три децении, политичките патишта на Ерменија и Азербејџан, соседи нераскинливо поврзани со крв и војна, се разделија. Азербејџан премина од советски тоталитаризам во постсоветска диктатура, со владејачка династија, цензура и широко распространета политичка репресија. Една од првобитните светски нафтени сили, Азербејџан, исто така, стана релативно богат. Тој негуваше дипломатски, економски и воени врски со Турција и Израел, кои Азербејџан ги гледа како сојузници во каква било конфронтација со Иран. Ерменија, барем формално, презеде транзиција кон демократија. Транзицијата влезе во ќор-сокак во октомври 1999 година, кога група вооружени лица упаднаа во парламентот и убија девет лица, вклучително и сите водачи на една од двете владејачки партии. Лидерот на преживеаната партија, Роберт Кочарјан, ја водеше земјата во следната деценија, додека неговиот клан остана на власт до 2018 година, кога се појави мирна револуција која воведе нова ера. Новиот лидер на Ерменија Никол Пашинјан е поранешен новинар.

Нагорно Карабах ќе остане во фокусот на политичкиот живот на двете земји. За Азербејџан, болката и понижувањето од поразот во 1994 година беа централни во националниот наратив. „Азербејџан стекна независност во исто време со војната, така што Нагорно-Карабах одигра голема улога во обликувањето на азербејџанскиот национален идентитет“, ми рече Шуџат Ахмадзада, независен азербејџански политиколог. „Се негуваше сеќавањето на сцените на внатрешно раселените лица, што придонесе за наративот на претрпена неправда. А конфликтот е важен за одржување и консолидирање на моќта“.

Во поголемиот дел од постсоветскиот период, власта во Ерменија ја држеше таканаречениот Карабашки клан. Кочарјан е поранешен лидер на самопрогласената Република Нагорно Карабах. Армен Мартиросјан, ерменски издавач и долгогодишен политички активист, ми рече дека во 2018 година се надевал дека Никол Пашинјан конечно ќе ја поведе „партијата на мирот“. Но, дури и Пашинјан, роден во 1975 година, се претстави како некој што политички се издигнал во Нагорно Карабах. „Седум од осум наши политички партии се партии на војната“, вели Мартиросјан.

И двете страни продолжија да се вооружуваат. Самопрогласената Република Нагорно Карабах формираше свои вооружени сили, кои беа потпомогнати и снабдувани од Ерменија. Азербејџан увезуваше оружје од Израел. „Се очекуваше дека земја богата со нафта со авторитарен режим ќе собере добро обучена, кохезивна војска“, посочува Александар Черкасов, руски истражувач во егзил, кој со децении ги документира етничките конфликти во регионот. Во 2020 година, Азербејџан го нападна Нагорно Карабах. Борбите траеја 44 дена. Илјадници луѓе беа убиени. Азербејџан повторно воспостави контрола над поголемиот дел од самопрогласената република и околните територии. На крајот, Москва посредуваше за прекин на огнот што се потпираше на присуството на руски мировници во НагорноКарабах. Статусот на самопрогласената република остана неодреден, но се сметаше дека самоуправата ќе опстане во намалениот Нагорно Карабах.

Помалку од 15 месеци подоцна, Русија започна општа инвазија на Украина. Ерменија беше преплавена од стотици илјади Руси кои бегаа од политички прогон, регрутирање и западни економски санкции. Руските безбедносни гаранции за Ерменија почнаа да работат помалку сигурно, а цената на тие гаранции се чини дека се зголеми. Како што оцени Арман Григоријан, политиколог со ерменско потекло, кој предава на Универзитетот Лехај во Пенсилванија, Пашинјан започна „грандиозен проект за извлекување на Ерменија од руската орбита“. Очигледно сметајќи на падот на руското влијание во светот и слабеењето на интересот за регионот, Пашинјан го одложи потпишувањето на мировниот договор со Азербејџан, барем под услови кои би имплицирале дека и Русија ќе биде на маса. Исто така, не успеа да исполни една од обврските што Ерменија ги прифати во договорот за прекин на огнот од 2020 година: да му обезбеди на Азербејџан копнен коридор до Нахичиван, азербејџанска ексклава од другата страна на ерменската граница, на 500 километри од Баку. Според условите на договорот за прекин на огнот, таков коридор би бил под контрола на руските безбедносни служби. Несакањето на Пашинјан беше разбирливо, но неговата надеж дека западната поддршка ќе му овозможи да застане на неодредено време се покажа неоснована. Пашинјан, исто така, презеде голем број дипломатски – или, подобро, недипломатски – чекори што ја иритираа Русија. Тој неодамна побара од ерменскиот парламент да го ратификува Римскиот статут, основачкиот документ на Меѓународниот кривичен суд кој го обвини Владимир Путин за воени злосторства, наводно, извршени против Украина. (Русија, како и Соединетите Држави, не го ратификуваа Римскиот статут.)

На крајот на минатата година Азербејџан почна да го зголемува притисокот врз Нагорно Карабах. Во декември беше воведена блокада, очигледно со цел да се прекине единствената рута за снабдување. На почетокот луѓето некако успеваа да ја заобиколат блокадата, но ситуацијата со текот на времето стануваше сѐ потешка. Томас де Вал, висок соработник во лондонската Фондација Карнеги Европа за меѓународен мир, кој го следи конфликтот во Карабах речиси триесет години, ми рече дека „илјадници луѓе останаа без бензин и леб распределени до 200 грама на ден“. Освен тоа, што и да ви треба, треба да пешачите километри. И тогаш, од никаде, те погаѓаат гранати“.

Гранатирањето на 19 септември беше шокантно, но во никој случај неочекувано. Истражувачите наведуваат дека Азербејџан спроведува „стратегија со три Д“: деинтернационализација, деинституционализација и детериторијализација. Конфликтот беше ефикасно деинтернационализиран кога сите страни се согласија на мировен договор со посредство на Русија, изоставувајќи ги поконвенционалните (и подалечни) актери од Европа или ОН. Деинституционализацијата беше постигната во последниот круг борби, при што самоуправата сега очигледно беше отстранета од понудата. Следната фаза веројатно би била принудниот егзодус на Ерменците од регионот. Ова е познато и како „етничко чистење“, термин кој повторно се споменува околу конфликтот во Карабах.

Де Вал наведува дека, гледајќи ги настаните во Нагорно Карабах, доживува „вознемирувачко дежа ву од почетокот на војната во Босна“. Можеби поточно, настаните потсетуваат на војната во Карабах од 1991 до 1994 година, чии злосторства беа во сенка на злосторствата извршени во поранешна Југославија. „Се разбира, има сцени од конвои на планинските патишта, луѓе кои го грабнаа она што можеа и ги напуштија своите домови“, вели Де Вал. „Имам ретроспективи на раните 1990-ти“. На почетокот, ерменските и карабашките власти зборуваа за евакуација само на оние чии домови беа уништени во борбите. Во исто време, ерменските невладини организации бараат луѓе со искуство во изградба на бегалски кампови во голем обем. Нагорно Карабах има околу 120.000 жители, иако, според Де Вал, околу 80.000 до 100.000 луѓе останале во регионот кога беше нападнат. Сега се верува дека околу половина од нив ја напуштиле својата татковина.

На 27 септември, Азербејџан го уапси Рубен Варданјан, претприемач и филантроп со ерменско потекло, кој заработи милијарди во Русија пред да се пресели во Нагорно Карабах да ја води владата во 2022 година. (Варданјан поднесе оставка од својата функција во февруари во обид да ги олесни преговорите со азербејџанска страна.) Варданјан, кој остана во регионот за време на гранатирањето, наводно се обидувал да замине кога бил уапсен. На 28 септември, владата на самопрогласената република објави план за распуштање до крајот на годината.

Проектот за независност на Нагорно Карабах е завршен. Но, вели Григорјан, тоа не значи дека азербејџанско-ерменскиот конфликт е завршен: „Азербејџан има воен капацитет да ја преземе јужна Ерменија, веројатно под изговор дека му треба коридор до Нахичиван.“ Русија може да има интерес да го одржи својот воено присуство во регионот, а понатамошниот конфликт може да послужи како изговор за неа. Засега руската медиумска машина работи на дестабилизација на политичката ситуација во Ерменија. Главните руски пропагандисти, од кои најмалку двајца се етнички Ерменци, го обвинија Пашинјан за поразот во Нагорно Карабах и започнаа офанзивна кампања. Според посебен правен аранжман меѓу двете земји, руската телевизија се емитува во Ерменија. „Тие велат дека Ерменија не треба да се меша во игрите на големите земји“, вели Мартиросјан. „Затоа што големите ќе се скараат и ќе ја убијат малата земја. Или барем тешко ќе ја повредат“.

(Маша Гесен е руско-американска писателка и новинар. Автор е на единаесет книги меѓу кои и „Да се преживее автокартијата“. Таа е дел од познатиот магазин „Њујоркер“, каде што е објавена и оваа колумна.)