Насилниците од 27 април ќе бидат помилувани од Силјановска, ако стане претседател

Оние што сѐ уште издржуваат казна затвор за насилниот упад во Собранието на Македонија на 27 април 2017 чекаат Гордана Силјановска-Давкова да победи на претседателските избори за потоа да ги помилува.
Силјановска-Давкова тоа акт го најави синоќа за време на интервјуто во емисијата „Вин-вин“ на Телма. Таа рече дека делото што им било ставено на товар за време на судењето („терористичко загрозување“) не одговарало на степенот на насилството и дека оваа квалификација била одредена од новинар.
Силјановска-Давкова рече дека ако до тоа време не завршеле постапките во Стразбур тогаш таа ќе настапи со помилување како претседател.
„Тоа се случи за оние кои не сакаа амнестија, сакаат да ја докажат правдата. Ако не завршат постапките во Стразбур и ако сѐ уште се во затвор – да, ќе ги помилувам“, рече кандидатката за претседател.
Некои од осудените, со помали казни затвор, излегоа на слобода, но многумина од нив сѐ уште се зад решетки.
Според штотуку усвоениот закон претседателот на државата може да помилува осудени лица само ако тие имаат правосилна пресуда, што е случај со насилниците од 27 април.