Нашиот општествен лифт: или што нѐ крева и спушта?
ИЛО ТРАЈКОВСКИ
Претставничката демократија го направи партискиот лифт главен механизам за издигање на единките повисоко на општествени положби
Два-три месеца во зградата во која живеам мака мачевме со лифтот! Едвај го собравме потребното мнозинство за донесување одлука да се плаќа дополнителна сума за замена на застарените сајли. И на овој елементарен случај се покажуваат двете клучни слабости во функционирањето на општеството во целина и на државата во него. Стамбената заедница, како и општеството, се покажа како поделана речиси на две половини. Едните беа веднаш да се пристапи кон менување без натамошна дискусија, оти е прашање на лична и колективна безбедност, а другата половина составена било од игнорантни било од сопкаџии кои имаа сто и едно дополнително прашање – само и само да не се брцне во џебот и ако може некој друг да плати или, ако веќе нема друго чаре, да се помине што поевтино. Втората слабост се покажа на страната на куќниот совет и управителот. Тие, слично како улогата на државата во општеството во целина, се соочиија со бројни нерегулирани прашања и нефункционални практики на правење, односно на неправење на работите како што треба.
Бидејќи сум еден од тројцата членови на куќниот совет, а по професија социолог, на предизвците во врска со поправката на лифот гледав низ призмата на прашањето на вертикалната подвижност на луѓето во општеството. За нејзино означување се користи изразот „општествен лифт“. Овој лифт не е механички систем како што е лифтот во згрдата, на пример. Но и општествениот има иста функција како и лифтот во зградата. Затоа и се нарекува лифт, а не, на пример, бунар, скокална или лансирна рампа! Како што стабениот лифт има за функција да ги придвижи граѓаните од приземјето до некој од катовите во зградата и обратно, така и општествениот лифт ги подига или ги спушта граѓаните од едно до друго ниво на општесвената скала.
Луѓето во општествата се распоредени на различните хиерархиски уредени општествени скалила, некогаш нарекувани касти, друг пат сталежи, трет пат класи, слоеви и слично. Секој од нив е еден специфичен систем на уредување на нееднаквостите помеѓу луѓето или на стратификација. Придвижувањето на населението меѓу тие катови на општествената зграда е клучен критериум за одредување на социолошката природа на скалилата и особено за степенот и длабочината на конфликтите во општеството. Затоа проучувањето на вертикалната подвижност на населението во општествата и помеѓу нив е толку важна тема. Од тој аспект, на пример, се разликуваат отворени и затоврени општества или општества во кои нивните граѓани се слободни и еднакви и општества во кои граѓаните се приклештени на некое од општествените скалила и нема начин, нема канал по кој да се придвижат нагоре. Во затворените општества луѓето се раѓаат како деца на земјоделци или работници, на пример, или како деца на судии или на доктори и како такви или се развиваат и стануваат тоа што биле нивните родители – син оди по татка, по деда си внук!
Во отворените општества, во кои единките имаат слобода и се еднакви, постојат бројни легитимни механизми за издигање на луѓето повисоко во општествената хиерархија. Низ историјата на општествата како особено важни канали за вертикална општествена подвижност се издвојуваат образованието, семејството, армијата, црквата и претпријатието. Секој од овие канали на подвижност има своја специфична тежина во конкретните општества. Но во современите развиени земји главен општествен лифт обезбедуваат образованието и бизнисот. Затоа овие општества се нарекуваат и меритократски – односно општества во кое единките заземаат некоја од различните општествени положби врз основа на нивните лични заслуги и постигања (мерит).
Во македонското општество – не само ова кое сегашната власт го нарекува едно за сите туку и во она претходното кое почна да се обликува од крајот на деведесеттите години на минатиот век, важноста на личните образовни и стопански постигања слабее. Тие формално и понатаму остануваат како фактори за издигање но како сѐ поважен се промовираше партиско-политичкиот лифт. Претставничката демократија го направи партискиот лифт главен механизам за издигање на единките повисоко на општествени положби. При еднакво образовно ниво и при еднакви стопански резултати повисоко се искачија и се искачуваат единките кои имаат пристап до партискиот лифт.
При тоа, приемчивоста и носивоста на партискиот лифт е одредена, пред сѐ, од проценката на лидерот. Денес зачестените предкандандидациони сондажи повеќе служат да ги оправдаат изборите на водачите отколку нив да ги снабдат со корисни информации за трендовите во избирачкото тело. Науката која ја практикувам не допушта многу потпирање врз методот на интроспекција туку повеќе бара објективни факти. Но, тоа никако не значи дека сознанија до кои сме дошле врз основа на анализа на личното искуство немаат научна вредност.
Функцијата член на куќен совет е највисоката јавна функција, ако можам така да ја наречам, до која сум стигнал. За разлика од тоа, многумина мои лични пријатели, познаници и колеги, со слично или послабо академско образование или академски постигања станаа претседатели на државата, министри, заменици министри и нивни советници, амбасадори и слично!
Не се исповедам туку се прашувам и анализирам! Тие не се подобри или поусшени туку се само поподобни. Но што кога подобноста станува најголемо школо и најголем успех?! Тоа е проверен рецепт за авторитарност и враќање на општеството во стагнантна состојба.
(Ило Трајковски е универзитетски професор)