Нашиот глас допрва ќе се чуе: Пензионерите кои бараат линеарно зголемување на протест пред Уставен суд


Од протестот на пензионери пред Уставниот суд (Фото: Б. Грданоски)

 

Пензионери кои се за линеарно зголемување на пензиите денеска се собраа пред Уставен Суд во Скопје давајќи поддршка за ваквиот начин на пресметување на нивните примања.  

Зоран Трајков, претседател на иницијативниот одбор на групата пензионери кои се залагаат за линеарно покачување на пензиите, им порача да се запрашаат „каде е грижата за пензионерите со мали пензии“.

„Нашата борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови. Не за џабе викаат ситиот не му верува на гладниот. Нашиот глас допрва ќе биде чуен“, изјави Трајков, порачувајќи дека нема да бидат само пред Уставен суд, туку дека ќе појдат и пред Канцеларијата на Европската унија на 10 декември.

„За првпат се крева гласот на пензионерите. Досега беше со процентуално зголемување на пензиите од 600- 700 денари. Ќе немаме за леб, ако се случи да биде процентуално. Јазот меѓу најголемата и најмалата пензија беше 1 према 4, сега е 1 према 7 и само ќе се зголемува. Доста е пензионерите да бидат поделени“, посочи Трајков.

Фото: Б. Грданоски

Пензионерите кои протестираа пред Уставниот суд порача дека се со минимални пензии зошто се жртви на транзиција, без платени придонеси и борба за опстанок, порачувајќи дека сите треба да се запрашаат зошто некои пензионери на следното покачување да земат 700-800 денари, а други по 3-4000 денари.

Во Штип во саботата се собраа пензионери од Штип, Свети Николе, Скопје, Куманово, од каде го најавија и денешниот протест пред Уставниот суд во Скопје. Тие, како што посочија, освен линеарно усогласување на пензиите бараат и К-15, покачување на посмртнината од 35.000 на 50.000 денари, како и воведување на пензионерска картичка.

Пензионерите минатата година и во март годинава имаа линеарно покачување на пензиите од по две илјади и петстотини денари, а годинава во септември на картичка добија уште илјада денари, додека во март следната година треба да има ново линеарно усогласување за илјада денари.

Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста на член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалиското осигурување, со која пензиите се зголемуваат линеарно.