НАСА бара нов партнер, ќе развие уште едно летало за Месечината
Американската вселенска агенција НАСА најави план за развој на второ летало за програмата Артемис на Месечината.
Станува збор за голема вселенска иницијатива на НАСА чија цел е испраќање луѓе на Mесечината. За да го реализира овој проект, НАСА ги повика комерцијалните вселенски компании да предложат концепти за летала со кои луѓето ќе се спуштат на површината на Месечината и обратно.
НАСА веќе има договор со SpaceX за развој на летало за слетување на Месечината. Минатата година компанијата потпиша договор вреден 2,9 милијарди долари за развој на летало кое може да пренесе луѓе на Месечината.
Првото слетување се очекува за 2025 година, но нема гаранции дека тој рок ќе биде испочитуван.
НАСА првично сакаше да избере две компании за развој на летала за да ги намали трошоците и зголеми конкуренцијата. Бил Нелсон од НАСА изрази желба да се развијат две летала, како и надеж дека Конгресот ќе ја финансира иницијативата. Во Буџетот за 2022 година е предвидено НАСА да добие 1,195 милијарди долари кои агенцијата ги бараше за развој на летало.
Затоа, НАСА ќе биде во можност да одбере уште една компанија, а најавени се и промени во договорот со SpaceX.