Народна банка ја задржа основната каматна стапка и понудата на благајнички записи


Фото: Б. Грданоски

Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на последната седница одлучи по намалувањето на каматната стапка на благајничките записи во три наврати од почетокот на годината, каматната стапка на благајничките записи  да се задржи на нивото од 1,5 отсто.

-Намалувањето на основната каматна стапка до нивото од 1,5 отсто, како и досегашното позначајно намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за натамошно зголемување на ливидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економија. Со оглед на веќе извршеното олабавување на монетарната политикана оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Истовремено, ликвидноста ослободена преку основниот инструмент на Народната банка, од вкупно 15 милијарди денари во април и мај, на седницата беше оценето дека е соодветна, при што беше одлучено на аукцијата на благајнички записи што ќе се одржи денеска да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари, соопштуваат од Народната банка.

На седницата се разгледани и најновите економски показатели во домашната економија и оценето е дека  генерално, ширењето на вирусот Ковид-19 во глобални рамки и во домашната економија резултираше со негативни ефекти врз деловната активност и влијаеше поизразено врз довербата и очекувањата на фирмите и потрошувачите и во текот на вториот квартал.

-По забавувањето на растот на економијата во првиот квартал на оваа година, тековно расположливите високофреквентни податоци за периодот април-мај упатуваат на понатамошни негативни ефекти од здравствената криза врз економската активност (продлабочување на падот на индустриското производство и на прометот во трговијата и угостителството, а по растот во првиот квартал, пад се забележува и кај градежништвото), наведуваат од Народната банка.

Во однос на инфлациските движења, ценовните промени за вториот квартал се нешто повисоки од проекцијата за вториот квартал, но тие се движени од фактори на страната на понудата. Во вакви услови, како и при различни насоки на ревизија кај увозните цени и променливост на цените на примарните производи, според Народната банка, присутна е неизвесноста околу проекцијата на инфлацијата од 0 отсто за 2020 година.

Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона, а остварувањата во текот на второто тримесечје се нешто подобри од очекувањата. Како што стои во соопштениео, расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје упатуваат на поизразено негативно влијание врз домашната економија од ширењето на вирусот ковид-19 во текот на вториот квартал. Сепак, гледано по месеци, ефектите се најизразени во април, што е во согласност со очекуваната динамика, додека податоците за мај упатуваат на постепено закрепнување и можност трговскиот дефицит да биде во согласност со очекуваниот според проекцијата за вториот квартал. Од друга страна, податоците за менувачкиот пазар заклучно со јуни, упатуваат на пониски нето-приливи од приватните трансфери од очекуваните за вториот квартал, во услови на пад и на понудата и на побарувачката за девизи.

Првичните податоци за јуни покажуваат солиден годишен раст и кај кредитите и депозитите, што е нешто повисок во однос на проекцијата за вториот квартал од годината. 

-Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидносната позиција на банкарскиот систем се задржа на релативно стабилно и солидно ниво, што се потврдува и со отсуството на потреба на банките за задолжување на пазарите на пари. Показателите за домашните финансиски пазари за јуни упатуваат на релативно стабилни движења на девизниот пазар, коишто сигнализираат натамошно постепено подобрување на очекувањата на физичките лица и економските субјекти. Овие случувања беа придружени со солиден раст на девизната ликвидност на банките, за што придонес имаа и интервенциите на Народната банка за продажба на девизи. Од почетокот на јули забележителна е умерена нето-побарувачка за девизи од страна на економските субјекти, поради што Народната банка од почетокот на месецот заклучно со 13 јули 2020 година, поретко интервенира со продажба на девизи на банките поддржувачи, во вкупен износ од само 3 милиони евра, наведуваат во соопштението.

На седницата на Комитетот е заклучено дека засега тековите се стабилни и последните макроекономски показатели главно се движат во согласност со очекувањата, при што согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се непроменети во однос на претходната оцена. Неизвесноста и ризиците од идните макроекономски ефекти од пандемијата на ковид-19 и натаму се присутни, како во глобални рамки, така и во рамки на домашната економија. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција преку приспособување на политиките, доколку тоа е потребно.