Народна банка: Дијаспората ќе префрла повеќе пари


Фото: Б. Грданоски

Народна банка оценува дека нема нерамнотежи во економијата. Економската активност продолжи да расте и во вториот квартал на 2019 година, движена од домашната побарувачка, додека нето-извозот има негативен придонес. Се очекува дека растот на економијата во 2019 година ќе достигне 3,5%. Остварената просечна годишна стапка на инфлација за првите осум месеци од годинава изнесува 1,1 отсто, при што растот на цените е помал од очекуваниот. Воедно, очекувањата за движењето на странските цени, кои влијаат врз домашните цени, се надолно ревидирани. Следствено, ризиците во однос на проекцијата на инфлацијата за 2019 година од 1,5 процент засега се оценуваат како претежно надолни.

Има помал дефицит во тековната сметка, како и повисоки нето-приливи во финансиската сметка, во однос на проектираните за вториот квартал. „Податоците за менувачкиот пазар заклучно со првата декада на август укажуваат на можност за остварување повисоки нето-приливи од приватни трансфери во однос на проектираните за третото тримесечје. Девизните резерви на крајот на август се повисоки во однос на крајот на 2018 година, при што сите показатели за нивната адекватност и натаму се во сигурната зона“, информираше Народна банка.

Заштедите и кредитите растат а ликвидноста на банките и натаму се зголемува, главно како одраз на интервенциите со откуп на девизи на девизниот пазар од Народна банка.

„Во август Народната банка откупи околу 88 милиони евра, во услови кога банките втор месец по ред имаа нето-откуп на девизи од нивните клиенти. Најголем придонес за ваквите движења има натамошната сезонски повисока понуда на девизи од страна на менувачниците, но и умереното намалување на нето-побарувачката за девизна ликвидност од страна на корпоративниот сектор. Покрај овие движења, врз високиот месечен износ на интервенции на Народната банка придонес имаше и активниот пристап на управување со девизната актива од страна на банките, со оглед на негативните приноси на меѓународните финансиски пазари. Поволните движења на девизниот пазар продолжија и во првата седмица од септември“, велат од централната банка.