Нарачките за фабриките во Германија растат помалку од очекуваното


Нарачките за германски фабрики се зголемија помалку од очекуваното во мај иако германските власти ги олабавија ограничувањата воведени поради новиот коронавирус.

Нарачките се зголемија за 10,4 проценти во мај, што е под очекувањата на аналитичарите за 15 отсто, додека претходните два месеци падот на нарачките беше над 37 проценти.

„Ниското ниво на нарачки е знак дека процесот на закрепнување нема да биде завршен долго време“, се наведува во ставот на Министерството за економија. Состојбата на пазарите надвор од Европа останува сложена.

Германските политичари предупредуваат да не се придава голема важност на првите сигнали за закрепнување, а според нив целокупната активност ќе остане под нивото пред кризата со Ковид-19, уште долго време.

Германија е погодена од затворање на претпријатија, нарушување на синџирот на снабдување и глобалниот пад на побарувачката.

Производителот на авиони „Ербас“ истакна дека, имаат во план бројот на вработени да го намалат за 15.000, од кои над 10.000 се вработени во Германија и Франција.

Производителот на автомобилот „Дајмлер“ предупреди дека индустријата ќе мора да помине низ масовни отпуштања поради кризата со новиот коронавирус.