Напрегнато во ЛДП, Зајкова ги критикува оние што бараат предвремен конгрес
Нешто се случува во Либерално-демократската партија последниве недели. Во партијата има струи кои бараат вонреден конгрес заради „непринципиелната политика на раководството“, додека лидерката Моника Зајкова вели тие поединци го правеле тоа заради лични интереси.
На средбата меѓу претставниците на општинските организации од Источна Македонија со раководството на ЛДП Зајкова рече:
Конкретна стратегија за подобри резултати со повеќе влијание во локална самоуправа од претходно и подготвено да се влезе во локалните избори наредната година, ова се дел од заклучоците кои произлегоа од средбите помеѓу претставници од општинските организации во Источна Македонија и раководството на Либерално-демократската партија, предводено од претседателката Моника Зајкова.
„Има политички предлози, има организациски предлози, има предлози и за кандидати за градоначалници и советници, а има и такви кои повикуваат на предвремен конгрес. Овие последните се како обично, побучни и без конкретен предлог како тоа се прави во развиените демократии, најчесто заради лични, а не колективни интереси“, посочи претседателката Зајкова.
Таа, според соопштението на ЛДП, уште додала:
„За разлика од малкумина бучни, мнозинството, потивките, се оние кои излегуваат со политички предлози, и тоа јасно либерални и идеолошки закотвени. И понекогаш, добро е да бидат потивки, затоа што мора да бидеме внимателни, веќе им прејде во навика на поголемите партии да прават copy&paste на наши предлози“.
Зајкова упати повик за смирување на страстите и обединување на редовите.
На средбата со претставниците од општинските организации од истокот на државата се разговарало и за идните чекори на партијата, нејзиното позиционирање и моменталните активности на партијата, особено по парламентарните избори годинава.
Претходно денеска до медиумите стигна соопштение од наводен инцијативен одбор во ЛДП во кое се најавува дека утре недела во 12 часот во големата сала на Општина Кисела вода ќе се состанат 2/3 од општинските организации на ЛДП и ќе формираат иницијативен одбор за свикување вонредно собрание на ЛДП за промена на раководството поради „нивната непринципиелна пазарџиска политика и недемократско водење на партијата“.
Според соопштението, раководството на ЛДП ги повредило „основните демократски постулати на работа.Неодамнешните случувања јасно укажаа на тешката криза и поделбата во партијата која неминовно може да се разреши само со свикување вонреден конгрес и смена на актуелното раководство во ЛДП“.
Од името на општинските организации на прес-конференција ќе се обрати Бобан Бојковски од општинската организација Куманово.