Направен исчекор во обидите за одблокирање на Собранието


Фото: Б. Грданоски

Направен е исчекор околу законот за државјанство на средбата на премиерот Зоран Заев со лидерите на опозициската коалиција Алтернатива и Алијанса за Албанците Африм Гаши и Зијадин Села. Тој исчекор, како што оцени вчера премиерот би значел и можност за одблокирање на законите во Собранието, пред се од петтиот пакет мерки за помош на бизнисите и граѓаните, на кои пратениците од оваа коалиција имаат поднесено амандмани. Премиерот Заев изрази очекување дека тоа ќе се случи во наредните денови.

Заев по средбата во Собранието со Села и Африм Гаши, изјави дека имале успешен напредок и сериозен исчекор во разговорите, истакнувајќи дека до крајот на неделава на основа на анализата која експертите ќе ја направат, ќе може да се финишира законското решение за државјанствата.

Разговаравме за сите отворени прашања кои беа во предлог-законското решение од Алијанса за Албанците и Алтернатива, и се изнајдени механизмите за изнаоѓање решение, не би зборувал за деталите, сега треба експертите да ги стават на хартија и да ги анализираат, за да го процесиураме и законското решение, рече Заев додавајќи дека во тој дел, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ги информираат и ВМРО-ДПМНЕ и Левица, бидејќи и тие две партии поднеле амандмани за ова законско решение.

Тој рече дека на средбата биле споделени бројките колку граѓани немаат државјанство и притоа истакна дека станува збор за околу 2700 барања, од отприлика 3.200 граѓани, од кои 1500 кои не живеат тука.

Лидерите на Алијанса за Албаниците и Алтернатива, посочија дека тие секогаш биле отворени да се најде решение.

– Да, ќе се понуди едно решение кое потворно ќе биде објект на следната средба за да се претвори во текст каде ќе бидат предвидени неколку докази – сведителство, фактура од сметка за струја и др, од кој доволно ќе биде да се исполни еден и по автоматизам на овие граѓани ќе треба да им се потврди државјанството. Важен е пристапот, рече Села.

Африм Гаши од Алтернатива, во однос Законот за државјансво, рече дека се клучни две-три теми.

 

– Една проблематика е тоа дека треба да се утврди оти една голема група на граѓани биле жители тука, но со државјанство на Југославија и во време кога Македонија стана суверена тие не успеале да аплицират (за државјанство). Друга клучна тема е и употребата на јазиците. Сигурно и во ова насока ќе побараме да се почитува Законот за јазици. Имаме две пракси, првото е Законот за јазици и европските стандарди. Врз основа на овие две критериуми ќе треба да изнајдеме решение,

Говорејќи на оваа тема координаторот на пратеничката група на ДУИ Арбр Адеми, ја повика албанската опозиција да биде конструктивна за да се изнајде заедничко решение во однос на законот за државјанство, со цел да се одблокира работата на Собранието и да се донесат законите за петтиот економски пакет финансиска помош.

-Сите сме оптимисти дека набргу ќе изнајдеме заеднички јазик со опозицијата со цел да ја деблокираме работата на Собранието и со тоа да им помогнеме на граѓаните бидејќи во собраниската процедура се токму законите што се однесуваат на економските пакети, финансиската поддршка за граѓаните и бизнисите за земјата. Дури над 16000 работници останаа без плата поради оваа неразумна блокада на опозицијата, рече Адеми, потсетувајќи ја опозицијата дека нема план Б за спасување на граѓаните од оваа криза.

Адеми во исто време ги отфрли шпекулациите со бројки со кои, како што рече, се манипулира токму од страна на опозицијата. Тој цитираше податоци според кои од 1991 до 2021 година, со документ за државјанство се стекнале вкупно 43.321 Албанци, а само 3.374 од нив се одбиени.

-Над 2.674 барања се во постапка за стекнување документ за држајнство, од кои пак, помалку од половина се поднесени од Албанци. И ова прашање ќе го решиме. Па дури и да се работи за само едно лице без државјанство, кое ги исполнува условите, бидејќи тоа е една од првите точки на нашиот политички договор, истакна Адеми.

Коалицијата Алијанса за Албаните и Алтернатива во Собранието поднесе закон за државјанство, чии одредби кои предвидуваа добивање државјанство со тројца сведоци, не беа прифатливи ниту за владејачката СДСМ, ниту пак за опозициските Левица и ВМРО-ДПМНЕ. Пратениците од опозицијата поднесоа амандмани за да го закочат донесувањето на овој закон, во формата во која беше поднесен. По ова пратениците на албанската опозиција поднеса амандмани и блокираа повеќе закони, меѓу кои и оние за финансиска помош на граѓаните и бизнисот. Најавија дека ќе ги одблокираат законите тогаш кога ќе биде постигнат договор за законот за државјанство.