Наполи нов шампион на Италија

Наполи вечерва го победи Каљари на домашен терен во 38-то коло од Серија А со 2:0 и по четврти пат стана шампион на Италија.
Скот Мектоминај и Ромелу Лукаку постигнаа по еден гол во двете полувремиња.
По завршувањето на натпреварот на стадионот „Диего Армандо Марадона“ и на улиците во Неапол започна голема прослава.
Во паралелен натпревар вечерва Интер го победи на гости Комо со 2:0. Головите ги постигнаа Стефан де Вриј и Хоакин Кореа. Голманот на домаќините, Пепе Реина, доби црвен картон во својот последен натпревар во кариерата.
Наполи со 82 бода стана шампион на Италија за сезоната 2024/25. Тимот на Антонио Конте заврши со еден бод предност пред Интер. Аталанта го освои третото место (74).
Наполи ја освои титулата во италијанското првенство по четврти пат во историјата и втор пат во последните три години.