Наполи и Елмас се шампиони на Италија: Сцени за историја по 33 години чекање

Наполи ја слави третата шампионска титула во историјата.


Фудбалерите на Наполи, во чиј тим настапува и македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, по трет пат во својата историја станаа шампиони на Италија, а титулата математички ја обезбедија со освоениот бод на гостувањето во Удине играјќи 1:1 против домашниот Удинезе.

Домашните поведоа во 13. минута, а стрелец беше Санди Ловриќ. Наполи израмни во 52. минута, кога најдобриот стрелец на клубот Виктор Осимхен го постигна својот 22. лигашки гол оваа сезона.

Првата освоена титула по 33 години ја прославија фудбалерите и раководството на Наполи на теренот во Удине, заедно со навивачите кои дојдоа на северот на Италија, но вистинската прослава започна на улиците на Неапол и стадионот кој го носи името на Диего Армандо Марадона, легендарниот Аргентинец кој во градот под Везув има статус на божество, а под чие водство е освоено последното „скудето“.

Наполи на пет кола пред крајот стигна до 80 бода, 16 повеќе од второпласираниот Лацио.

Важни бодови во борбата за зачувување на прволигашкиот статус освои Емполи со убедливи 3:0 на домашен терен против Болоња. Колумбискиот дефанзивец Џон Лукуми веќе во 1. минута со автогол му донесе предност на Емполи. Во финишот на првото полувреме Акпа Акпро го удвои водството на домашните (45+1), а во 68. минута Николо Камбијаги погоди за 3:0. Конечните 3:1 ги постави Рикардо Орсолини од пенал во 88. минута.