Напаѓачот во Ист гејт седел во обложувачница пред да пука


Министерството за внатрешни работи (МВР) сè уште трага по идентитетот на напаѓачот кој вчера со пиштол пукаше кон две лица во трговскиот центар „Ист гејт“ и побегна. Сега се   појавија нови фотографии  од кои се гледа како напаѓачот седел во обложувачница во трговскиот центар и воопшто не се криел.

Додека полицијата ги проверува сите наводи поврзани со напаѓачот во „Ист гејт“, двете лица со прострелни рани се наоѓаат на лекување по извршените оперативни зафати. Едниот се наоѓа на Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“ во Скопје, а другиот е на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) во Клиничкиот центар во Скопје. двајцата пациенти се во стабилна состојба, но поради сериозноста на повредите остануваат на одделите за интензивна нега во болниците каде што се примени.

Вчерашниот напад министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски го оцени како изолиран случај и додаде „вакви изолирани инциденти се случувале и ќе се случуваат“.

Министерот посочи дека е формиран посебен штаб во Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје кој заедно со одделите за организиран криминал, криминалистичка полиција и форензика работи на прибирање информации и докази со цел утврдување на фактите и мотивите за вчерашниот напад во „Ист гејт“.