Нападнат директорот на Агенцијата за управување со одземен имот Небиу, по синоќешната поддршка за Села
Синоќа бил нападнат членот на Алијанса за Албанците и директор на Агенцијата за управување со одземен имот, Дритон Небиу. Настанот го потврди и полицијата.
-Вечерва во 19.40 часот во СВР-Тетово било пријавено дека во угостителски објект на улица „Маршал Тито“ во Тетово Д.Н. бил физички нападнат од К.О. од Тетово. Се преземаат мерки за расчистување на случајот, информираа синоќа од СВР Тетово.
Небиу претходно застана против едностраната одлука на претседателот на АА, Арбен Таравари на претстојните избори да настапуваат во коалиција со албанската опозиција и синоќа го поддржа поранешниот лидер на партијата, Зијадин Села.
Небиу вчера можеше да се забележи во партиското седиште на Алијанса во Тетово, за време на прес-конференцијата на Села.
Директорот на Агенцијата за управување со одземен имот, по нападот на социјалните мрежи сподели фотографија во друштво со поддржувачи, по која објави: „Може да ме убиете, но не можете да ме исплашите“.
Во партијата владее силна поделба околу тоа дали на претстојните парламентарни избори треба да се оди самостојно или заедно со опозициските партии на Албанците. Втор ден траат јавните „препукувања“ меѓу таборите на Таравари и Села.Вкупно 19 членови од последниот состав на Академијата на Алијансата за Албанците, стратешко-советодавно тело одговорно за изградба на партиските политики, објави изјава за поддршка на претседателот на АА, Арбен Таравари. Потписниците во писмото велат:
„Изразуваме целосна доверба и безрезервно го поддржуваме лидерот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, на патот што го трасираше за да се направат сигурни промени во албанскиот политички блок“.
Тие сметаат дека земјата е во сериозна социјална, морална и економска криза и дека главната одговорност и катализатор на оваа криза е Демократската унија за интеграција, која речиси континуирано владее над две децении. Велат дека ваквата состојба не смее и не може да продолжи и дека сега е една прилика која се пружа еднаш во животот за голема политичка и сигурна промена.
На крајот од псимото се вели:
„ Арбен Таравари е надеж. Се надеваме дека сè уште има политички лидери кои се водат од етички принципи и кои имаат убедување и политичка верба зад кои стојат бескомпромисно. Убедени сме дека . Арбен Таравари ќе чекори по вистинскиот пат, по патот што го трасираше Арбен Џафери и ќе доведе до пресврт на реалноста на Албанците во Северна Македонија“.
Зијадин Села вчера одржа вонредна прес-конференција во партиското седиште од која порача дека нова одлука на партиското раководство нема, а дека според последната Алијанса за Албанците на изборите ќе настапи самостојно. На Таравари му порача дека партијата не е разединета, а дека неговата одлука да се приклучува кон други партии е само одлука на поединец, не на партијата. Села како претседател на Централното собрание закажа седница на ова раководно тело за во сабота со најава дека ќе се носи одлука за изборите. Таравари пак, се пофали дека од 133 членови на тоа собрание, добил 80 потписи на поддршка за коалицира се на опозицијата. Села вели дека потписи преку Фејсбук се безвредни и повика на пребројување в сабота.
Во межувреме, Села објави фотографија со свои подджувачи со порака дека Алијанса за Албанците не е предмет за трговија.
„Ова е голема куќа, Алијанса за Албанците – Претседателство, Собрание, секретари, потпретседавачи, пратеници, претседатели наа ограноци и верни членови кои не ја продаваат својата куќа!“, порача Села.
Според досегашни анкети, Алијанса за Албанците се сметаше за „јазичето“ на вагата, односно за партија со решавачка улога кој блок во кампусот на Албанците ќе однесе победа – блокот предводен од владејачката ДУИ или опозицискиот блок на Европскиот сојуз за промени.