Нанев во вербален двобој со Дамева, тврди дека е жртва на лична одмазда
Поранешниот претседател на Основниот суд во Кавадарци и актуелен судија во овој суд, Лазар Нанев денеска повторно се најде на дневен ред на Комисија за утврдување одговорност на Судскиот совет. На расправата, која траеше околу три часа и беше налик на судење, со воведни зборови, изведување докази и завршни зборови, Дамева изнесе наводи дека Нанев преку дописи испратени до судот во ноември, лани додека сè уште ја извршувал функцијата претседател на Основниот суд во Кавадарци на „недоличен и недостен начин“ сакал да ја дискредитира и да ја омаловажи како член на Судскиот совет, упатил сериозни критики за работата на друг член на Советот и се обидел да наметне цензура при одлучувањето на ова тело во постапките каде како засегната страна се јавувал поранешниот претседател на судот во Кавадарци.
„Поразителен е начинот на изразување, употребниот вокабулар, па дури и малициозноста при обраќањето, содржано во дописите. Ова е особено фрапантно ако се има предвид фактот дека тој знаел и бил должен да знае дека доколку смета дека неговите права по било кој основ се повредени или нарушени можел истото да го оствари во соодветна постапка и на начин согласно со закон, без да изнесува податоци и сознанија до кои дошол како судија или граѓанин. Со наведените дејствија судијата Нанев сторил потешка дициплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија, односно посериозна форма на недолично однесување со кое се нарушува угледот на судот и угледот на судиската функција која ја извршува, предвидена во член 175, став 1 точка 1 од Законот за судовите“,рече Дамева во своите воведни зборови.
Судијата Нанев, пак, одговарајќи на наводите на Дамева рече дека нејзиното барање и аргументите во негова поткрепа таа ги изнела на крајно „нецивилизиран начин, со манипулации од позиција на сила, мајоризација, како и од позиција на диктатура“. Нанев обвини и дека Дамева го злоупотребува и искористува правото што го има како претседател на Судскиот совет за да манипулира со членовите и со јавноста и медиумите – поради нејзината лична нетрпеливост и омраза кон него.
„ Нетрпејќи успешни и напредни судии, но користејќи вешта манипулација, Дамева на овој начин манипулира за некакви мои недоличности, незаконитости, нарушевање на некаков углед без да знае дека Основниот суд Кавадарци е најуспешниот суд воопшто во државата кој што со својот респект, почит, колегијалност и достоинство се возидигна во светски познат суд. Нејзината омраза и гнев се обиде да ги преточи и искористи за мое омаловажување и навреди за сето она што досега го имам направено“, рече Нанев.
Дека тоа е така, судијата се обиде да демонстира и на денешната расправа, покажувајќи го ливчето со неговото име и презиме, а на кое како што рече, од омраза не е напишана и неговата акадамеска титула проф. д-р.Тој доставил и допис во Судскиот совет во кој бара заштита бидејќи близок роднина на Дамева преку социјалните мрежи му се заканувал изминатите четири години, за што бил осуден но се криелч во Лондон и не можел да биде екстрадиран оти некој го штити.
„Четири години лицето Љ.Г. – прв братучед на Весна Дамева секојдевно три часа дневно, на годишно ниво тоа се 1.000 часа, на четири години тоа се 4.000 часа се заканува дека ќе изврши убиство, дека ќе ме лиши од живот мене, моите деца, мојата фамилја, за што ги трпам најголемите притисоци секојдневно во мојот живот, рече Нанев во своја одбрана пред Комисијата со која претседаваше членката на Судскиот совет, Лорета Горгиева.
На ова Дамева одговори дека за неа е неспорно дека однесувањето на тоа лице е крајно недолично и дека во врска со случајот сочувстува со судијата Нанев, но додаде оти Судскиот совет не е институцијата од каде треба да бара заштита.
„Токму поради таквото однесување јас и моето семејство ја имаме прекинато секоја комуникација со лицето Љупчо Грков од 2017 година…Наводите на судијата дадени во воведниот говор дека неговите дописи преставуваат апел и помош за заштита од ова лице навистина не можам да ги прифатам како сериозни, ниту може да прифатам дека целта е судијата да оствари заштита. Напротив судијата во овие дописи, особено во првиот се изразува крајно недолично со обвинувања и непоткпрени докази акатакувајќи не само на угледот на членови на Судскиот совет туку нарушувајќи го и својот углед како судија, како и злоупотребувајќи ја и функцијата која во тој период ја обавувал како претседател на суд“, рече Дамева.
Инаку, како што наведе Дамева, невистинити се и наводите во дописите на Нанев дека ова лице на социјалните мрежи изнесувало доверливи податоци од Судскиот совет кои наводно ги добивало од член на ова тело.
„Доколку судијата знаел дека некој, па макар и член на Судскиот совет изнесувал доверливи податоци бил должен тоа веднаш да го пријави на надлежните органи и тоа во моментит кога осознал за првиот доверлив податок“,рече Дамева. Таа рече дека судијата нанел штета и со наводите дека од архивата на Советот исчезнал изготвен извештај и дека крајно недолично упатил критики во врска со работата на членката на Советот Павлина Црвенковска била координатор за следење на работата на основниот суд во кавадарци во време кога негов претседател бил Нанев.
„Предлагам да се утврди одговорност и да се изрече мерка согласно закон“, рече на крајот од своите завршни зборови Дамева.
Нанев, пак, во своето завршно обраќање рече дека сето она што било изнесено на денешната расправа „се конструирани лаги“.
„Уште еднаш се покажа и докажа дека членот на Судскиот совет Весна Дамева е извонреден спин мајстор со извонредни манипуалции и искривувања на вистината, искривување на правото, а на тој начин успешно владее со манипулација на јавноста и медиумите. Уште еднаш сите изнесени барања и се она што беше наведено од Весна Дамева во текот на постапката го отфрлам како неосновано, тенденциозно и злонамерно. Се работи се најзина лична освета и за нејзина лична суета“,рече судијата Нанев во неговите завршни зборови.
На денешната седница само без изнесени доказите и се водеше расправа во врска со барањето за утврдување одговорност. Дали таа ќе биде утврдена или не, Судскиот совет ќе одлучи дополнително.