Запушена канализација, откорнат радијатор… За МОН станува збор за „изолирани ситуации“ во „Стив Наумов“:


По сите неостварени ветувања на СДСМ за подобар студентски стандард во период од седум години, дури и ветувања за изградба на нов „студентски град“, Министерството за образование и наука со поддршка од ЕУ во јули 2024 година ја започна и неодамна ја заврши реконструкцијата на државниот студентски дом „Стив Наумов“ во Скопје – се вели во соопштението на МОН, по обвинувањата на СДММ.

Оттаму велат дека тоа е првиот од вкупно девет домови кои ќе бидат темелно и енергетски ефикасно реновирани во текот на мандатот на актуелната Влада. Отстапки нема да има, младите се во фокусот на политиките на МОН.

– Ги покануваме кога сакаат, да влезат и да направат увид, но и споредба со објектите кои тие ги имаат „изградено или реконструирано“ во време на нивниот мандат и да дадат оценка на успешноста на завршената работа – наведува МОН во соопштението.

Оттаму посочуваат дека изолирани ситуации во реновираниот дом може да настанат сами по себе, но објектот е под гарантен рок и изведувачот постапува и ги санира.

-Но, несакани ситуации може да бидат предизвикани и од корисници, за што апелиравме на одговорно користење при самото пуштање на објектот. Раководството на домот се соочи со запушена канализација поради фрлени влажни марамици; активиран алармен систем поради заборавена храна во вклучена микробранова печка во чајна кујна, како и поради запалена цигара во соба; откорнат радијатор; паркирани автомобили на зелени површини во дворот на домот… Сите ситуации се надминати – децидни се од МОН.

Истакнуваат дека условите во „Стив Наумов“ се одлични, а храната согласно пропишани нутритивни стандарди и тоа може да се види во секое време. Според МОН, залудни се обидите на СДСМ за дискредитација на работата на Министерството за образование и наука и за поттикнување незадоволство кај студентите.