Наместо да има регионален центар за изгореници, Македонија нема никаков

Ако до 2016 година во Македонија имало најсовремен Центар за изгореници, кој имало тенденција да прерасне во регионален, зошто тогаш ваков центар не бил потребен и денеска


 

Од вкупно 162 лица повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, најголемиот број, или 115 настрадани се лекуваат во 14 европски земји, додека другите се во домашните здравствени установи. Овие најнови податоци кои денеска на прес-конференција ги соопшти министерот за здравство Арбен Таравари, уште еднаш го наметнаа прашањето за постоење центар за изгореници во нашата земја, институција која постоела до 2016 година, но денеска како издвоен специјализиран центар веќе го нема. Сега, во нашата земја лица со изгореници се третираат на Клиниката за пластична и реконструктивна хирургија и на оддели во ГОБ „8 Септември“ и во Клиничката болница „Св. Наум Охридски“.

Мислењата за оправданоста на функционирањето на центар за изгореници се поделени – едни сметаат дека финансиски пооправдано е лицата со изгореници да се праќаат во странство во болница со која ќе се воспостави соработка, а други укажуваат дека последната трагична несреќа во дискотеката „Пулс“ во Кочани го покажува токму спротивното – дека е неопходно и во македонското здравство да постои ваков центар, дотолку повеќе што искуство и практика за такво нешто веќе има. Идејата дури била некогашниот Центар да прерасне во регионален, но…

„Независен“, веќе пишуваше дека Центар за изгореници по сите стандарди постоел пред 24 години, во поранешната Воена болница (сега ГОБ „8 Септември), но откако во дел од болницата почнала со работа приватна здравствена установа (станува збор за кардиохирургијата „Филип Втори“), тој бил затворен.

Подоцна, благодарејќи на напорите на лекари, во 2000 година беше основан нов Центар за изгореници кој беше сместен во старата Градска болница во Скопје, а сега Универзитетска клиника за хируршки болести. Но, и тој беше затворен откако почна реконструкцијата на оваа болница и за жал, до денеска не е отворен, иако фигурира на официјалата интернет страница на клиниката „Свети Наум Охридски“, но последните податоци се за 2015 година. Во него се лекувале не само пациенти со екстензивни и длабоки изгореница од Македонија туку и од регионот. Како што стои на интернет страницата до 2015 год. биле лекувани над 1.000 пациенти и тоа просечно 70 пациенти годишно. Центарот бил опремен со специјални воздушни кревети и е одделен со посебен влез.

Зошто тогаш ваков центар не бил потребен и денеска?

Интересно е што мислењата на функционерите во државата се повеќе на страната дека постоењето на ваков центар не е целисходно, додека, лекарите сметаат дека е неопходен.

Така на пример, премиерот Христијан Мицкоски еден ден по несреќата во Кочани рече дека не гледа проблем што Македонија нема центар за изгореници и дека е една од ретките такви земји.

„Капацитетот е три-четири-пет луѓе. Тоа е капацитетот и кога би работел“, рече Мицкоски одговарајќи на прашања на новинарите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“. „Кога е донесена одлуката да се затвори, под услов полно да е функционален 3-4-5 можат да згрижат“, рече тој.

Директорот на Фондот за здравство, Сашо Клековски, не ја отфрли можноста за повторно отворање на ваков центар, но вели дека нашето здравство има и други приоритети. Сепак, како што смета за ова треба да се произнесе стручната фела.

„Треба да направиме проценка дали ни е потребен центар за изгореници или е поедноставно да имаме договор за соработка со ‘Пирогов’ во Софија или ‘Папаниколау’ во Солун“, рече Клековски пред два дена.

Тој изјави дека центар за изгореници ќе се отвори повторно ако стручната фела каже дека има потреба, укажувајќи дека хирург кој не работи редовно со изгореници не е специјалист за тоа подрачје.

„Токму затоа, многу поголеми држави од нашата имаат еден или два центри за изгореници за да се сконцентрира знаењето. Не треба да имате само специјални кревети, туку и хирурзи кои го практикуваат тоа релативно често. Не велам дека не ни треба, но во десет години имавме пет тешки случаи со изгореници кои беа испратени во странство и уште десетина кои беа третирани во Македонија“, изјави Клековски, додавајќи дека не треба да се има само техника и кревети, туку и доктори кои тоа го работат секојдневно.

„Јас не сум надлежен да одговорам дали имаме доволно патологија, но ако стручната фела каже дека имаме потреба – тогаш да, но повторно ќе биде центар за изгореници со четири легла“, изјави Клековски.

Од друга страна министерот Таравари, во интервју за ТВ21 рече дека се размислува за повторно отворање на центар за изгореници, но дека тој може да прими најмногу четири лица.

„Во стариот Центар за изгореници биле само два кревети и тоа бил наменет за работници од некоја фабрика која предизвикувала последици кај пациентите. На Македонија дефинитивно ѝ треба ваков центар. Во тој случај ќе имавме само два бокса, еве најмногу четири, не повеќе. Ни треба и центар за гангрени и ампутации. Ние може да отвориме таков центар, но треба да оформиме кадар и да имаме максимум два, три до четири боксови. Не случајно во Солун се само пет, Атина четири, во Љубљана и Марибор по два“, рече Таравари.

Нејасно е меѓутоа, ако потребата за ваков центар била евидентна пред десетина и повеќе години, зошто сега се смета дека е подобро да се потпираме на странски болници.

Ако на интернет се пребарува терминот „изгореници“, излегуваат повеќе наслови кои укажуваат дека на повеќе лица кај нас им е неопходен ваков специјалистички третман и нега. „Четворица повредени работници, еден е со 40 проценти изгореници“, е еден од насловите од пред пет години, во друг новинарски наслов се вели „Со 80 отсто изгореници на телото двајца од тројцата хоспитализирани во тешка состојба“, во трет „Пожар во Чаир, изгореа две куќи“…

Прим. д-р Добрила Андоновска, која работела во Центарот за изгореници во старата Градска болница, деновиве на Фејсбук детално објасни дека Центарот функционирал како посебен оддел на Одделението за пластична и реконструктивна хирургија, сместен во посебен дел од болницата со посебен надворешен влез и дека бил опремен со најсовремена опрема.

„Центарот беше опремен со најсовремена опрема од јапонската влада – Интензивна нега со два Клинитронови системи од француско потекло, какви што постоеја во регионов единствено во ‘Пирогов’ – Софија (околу 40 – 50 на број). Овие компјутеризирани системи овозможуваа специјални микроклиматски услови: аерација, температура, влажност и пациентите лежеа како во бестежински простор на ‘кади’ исполнети со силиконски песок кој ‘врие’ поради проток на воздух. Центарот располагаше со посебна операциона сала за изгореници каде шесте специјалисти по пластична хирургија, тимски со врвните анестезиолози, вршеа оперативни зафати и преврски во општа анестезија“, вели таа.

Центарот бил опремен и со респиратор донација од „Макстил“.

Освен интензивната нега постоеше и болничка соба со два кревети, што значи дека капацитетот беше за четири пациенти со екстензивни изгореници, а со нивно подобрување се префрла, по потреба, на одделението за Пластика со 15 кревети. Беше формирана и Банка на амнионски мембрани (во соработка со Гинекологија – Чаир) по пример на „Пирогов“ и други центри, појаснува Андоновска.

За петнаесет години и пет месеци колку што бил во функција во Центарот се лекувале 1.316 пациенти со екстензивни изгореници, просечно 84 пациенти годишно со екстензивни, живото-загрозувачки изгореници, голем број од нив со политраума. Дополнително, околу 20–30 пациенти годишно со друга тежина на изгореници се лекувале на одделенијата за Пластична хирургија и за Детска хирургија

Покрај тоа, како што посочува, во Центарот се лекувале и странски државјани како приватни пациенти и имало тенденција да прерасне во регионален Центар.

Но, наместо Македонија да има регионален центар, сега е принудена да се потпира на помош од странство. (М.Ј.)