Мицкоски: Наместо честитки од Грција, добивме политички мускули

Веројатниот мандатар објави дека стигнале да „консолидираат 61 пратеник“, заедно со коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ


 

Претседателот на ВМРО- ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска изјави дека наместо честитки од Грција за убедливата победа на парламентарните и на претседателските избори, добиле политички мускули. Тој го оцени обраќањето на Гордана Сиљановска-Давкова како достоинствено. 

Одговарајќи на прашања на новинарите пред неговиот настап на Самитот „Македонија 2025“, тој рече дека таквата реторика не прилега на земји партнери и ги повика грчките компании да инвестираат во нашата земја. 

Мицкоски, исто така, рече дека доколку Грција мисли дека е прекршен Договорот од Преспа може да покрене спор пред Меѓународниот суд на правдата. Тој смета дека Македонија речиси во целост ги има исполнето обврските од договорот, повикувајќи да се ратификуваат меморандумите од страна на Грција со цел да де овозможи уште поголема економска соработка меѓу двете земји. 

„Очекував честитка од нашиот јужен сосед, за жал добивме политички мускули. Не очекувам односите помеѓу двете држави да се темелат на политички мускули, туку да имаме одлични меѓусоседски односи. Таму имаат влада предводена од Нова демократија и имаат свој став поврзан со Преспанскиот договор. Ниту на едните, ниту на другите ни се допаѓа тој договор. За разлика од таму, Преспанскиот договор тука е дел од македонскиот устав и закони. Мое основно човеково право е како ќе ја нарекувам мојата држава“.

Тој очекува такво однесување од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, „да ја користиме Македонија и придавката македонски, бидејќи на тој начин, според нашето толкување, нема прекршување на договорот“.

Тој рече дека покрај 58 пратеници на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ „консолидиравме точно 61 пратеник. Не можам да кажам детали. Многу скоро денеска ќе ги дознаете деталите“.

Мицкоски нагласи дека, како што бил информиран, разговорите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“ се водат во вистинска насока. Тој е оптимист дека ќе успее да се обезбеди двотретинско мнозинство за да може да се реструктуира владиниот кабинет.

Мицкоски индиректно ги потврди информациите дека најавената милијарда долари кредит би можела да дојде од Унгарија, велејќи дека договорот влада со влада ќе биде со една европска држава.

Тој даде и појаснување, но не целосно, за најавената инвестиција во енергетиката.

„Станува збор за исклучително голем играч, во којшто има исклучително големи европски институции во управувачката структура. Од оправдани причини не можам да кажам точно за што станува збор, но можам да ви кажам дека договорт е завршен и во првите 100 дена од владата ќе биде презентиран. Станува збор за проект од обновливата енергија којшто ќе произведува 1 терават часови енергија. Во договорот нема загарантиран откуп којшто ќе го плаќаат граѓаните, туку обртот на таа компанија би бил 80-100 милиони евра, по основ на продадена електрична енергија и истргувани зелени сертификати“. (Н.В.)