Најскап Октоберфест досега: Кригла пиво ќе чини речиси 16 евра


Посетителите на Октоберфест годинава ќе бидат пречекани со најскапо пиво.

За кригла од еден литар во фестивалските шатори ќе треба да издвојат до 15,90 евра, што е во просек за 2,38 проценти повеќе од минатата година, објавија властите во Минхен во вторник, објавува Heute.

Цената на литар пиво оваа година ќе се движи од 14,80 до 15,90 евра. Минатата година, литарска кригла чинеше помеѓу 14,50 и 15,80 евра.

Безалкохолните пијалоци исто така ќе бидат поскапи. Литар вода ќе чини просечно 11,13 евра, додека минатата година просечната цена беше 10,95 евра. За литар Spezzi треба да се издвојат 12,84 евра, а за литар лимонада 12,47 евра.

Градот Минхен истакнува дека цените на пивото ги одредуваат самите угостители. Градските власти само проверуваат дали се соодветни во споредба со цените во другите големи угостителски објекти во градот, каде што литар пиво моментално чини помеѓу 7,70 и 13,40 евра.

Оваа година, Октоберфест се одржува од 19 септември до 4 октомври. Повторно се очекуваат повеќе од шест милиони посетители на најголемиот фолклорен фестивал во светот. Минатата година Октоберфест привлече 6,7 милиони луѓе, кои испиле околу 6,5 милиони литри пиво.