(Во живо) Ѕвездена парада на небото – вселената ни приредува спектакл

Делумно затемнување на сонцето ќе биде видливо во среда околу 19.30 часот и од Македонија, ноќта ќе може да ги гледаме Персидите, а пред изгрејсонце шесте планети


Фото: Б. Грданоски

Астрономски спектакл ја очекува денеска Земјата, затоа што вселената ни закажува видлива претстава, прво со затемнување на Сонцето, потоа со дожд од Персеиди, па порамнување на дури шест планети, а млада Месечина го заокружува доживувањето.

Делумно затемнување на сонцето ќе биде видливо во среда навечер и од Македонија, додека жителите на одредени делови од Европа и Арктикот ќе можат да го набљудуваат целосното затемнување.

Според астрономските податоци, затемнувањето во Македонија ќе започне околу 19:26 часот, додека точното време и обемот на покриеност на сонцето ќе зависат од локацијата, објавува TheSkyLive.

Фото: Б. Грданоски

Помрачувањето се случува кога Месечината ќе се најде меѓу Земјата и Сонцето, при што целосно или делумно ја блокира сончевата светлина.

Овој феномен е видлив само во тесен појас познат како патека на тоталност, каде што дневната светлина накратко исчезнува и небото добива изглед на самрак.

Астрофизичарката од Универзитетот во Сари, д-р Ноелија Ноел, објаснува дека во зоната на тоталност ќе биде можно да се види темниот круг на Месечината како целосно го затемнува Сонцето, додека во околните области ќе биде можно да се набљудува само делумно затемнување.

Покрај целосното, постојат уште три вида на сончеви затемнувања, делумно, прстенесто и хибридно. Во делумно затемнување, Месечината покрива само дел од дискот на Сонцето, додека во прстенесто лунарно затемнување е видлив светол прстен од сончева светлина. Хибридното затемнување го менува изгледот помеѓу прстенесто и целосно за време на неговото траење.

Иако Сонцето е речиси 400 пати поголемо од Месечината, нашиот природен сателит може целосно да го блокира бидејќи е многу поблиску до Земјата. Поради овој однос на големината и растојанието се создава спектакуларниот призор на целосно затемнување.

Фото: Б. Грданоски

За разлика од Македонија, каде што затемнувањето ќе биде само делумно, целосната фаза ќе биде видлива по тесна лента што поминува над делови од северна Русија, Гренланд, Исланд, Шпанија и мал дел од Португалија. Голем дел од Европа, како и делови од Северна Америка и северозападна Африка, ќе видат делумно затемнување.

Астрономите предупредуваат дека не треба да се гледа директно во Сонцето за време на затемнување без соодветна заштита за очи.

Обичните очила за сонце не се доволни, а за директно набљудување е потребно да се користат специјално сертифицирани очила или филтри наменети за набљудување на Сонцето.

Денешното целосно затемнување привлекува особено внимание бидејќи неговиот пат ќе го премине европскиот континент, додека НАСА ќе го следи и емитува настанот во живо од повеќе локации по патот на целосното затемнување.

Но, небесниот спектакл не завршува со затемнувањето.

Метеорски дожд Персеиди

Во текот на ноќта од 12 кон 13 август својот максимум го достигнува метеорскиот дожд Персеиди, еден од најпознатите и најатрактивните метеорски дождови во годината. Персеидите потекнуваат од остатоци од кометата 109P/Swift-Tuttle, кои при навлегувањето во атмосферата создаваат светлечки траги.

Оваа година условите се особено интересни затоа што максимумот на Персеидите се случува во периодот на младата Месечина, што значи дека нејзината светлина нема значително да го попречува набљудувањето на метеорите.

За најдобро набљудување се препорачува место подалеку од градските светла, со што поширок поглед кон небото. Телескоп не е неопходен – Персеидите најдобро се следат со голо око.

Планетарна парада

Во раните утрински часови, пак, на небото ќе може да се забележи и планетарна парада. Во ист период во различни делови од утринското небо ќе се најдат шест планети – Меркур, Марс, Јупитер, Сатурн, Уран и Нептун. Сепак, не сите ќе бидат подеднакво лесни за набљудување со голо око, а за најоддалечените планети ќе биде потребен телескоп.

Скопското астрономско друштво патува во Мадрид

Оваа година Скопското астрономско друштво нема да организира традиционално јавно
набљудување на метеорскиот рој Персеиди. Целиот организациски тим отпатува за Мадрид, Шпанија, каде што ќе го набљудува и фотографира целосното затемнување на Сонцето.
Фото: Б. Грданоски
 
Доколку техничките услови го дозволат тоа, предвидено е вклучување во живо со видеопренос за време на самиот тоталитет. Преносот ќе започне во 20:20 часот, односно десетина минути пред главниот момент на тоталитетот кој настапува околу 20:30 часот.