Најмалку 30 загинати во пожар во близина на Каиро, експлодирале плински боци во камион
Најмалку 30 лица загинаа, а повеќе од 15 се повредени во пожар што избувна по експлозија на плински боци во камион во гувернеријата Гиза, во близина на египетската престолнина Каиро – соопшти денеска египетското Министерство за здравство.
Пожарот избувнал над десеттиот тунел во населбата Варак, во Имбаба, откако, според извештаите на египетските медиуми, се запалил камион што превезувал плински боци, кои потоа експлодирале и предизвикале ширење на огнот и кон други возила. Според локалните медиуми, се очекува бројот на загинати дополнително да се зголеми.
На местото на несреќата биле испратени вкупно 39 амбулантни возила, а повредените биле пренесени во три болници, соопшти египетското министерство.
Министерот за здравство Калед Абдел Гафар им наложил на болниците во близина на местото на несреќата да го подигнат нивото на подготвеност за да обезбедат итна медицинска помош и здравствена грижа за настраданите.
Министерството соопшти дека продолжува да ја следи здравствената состојба на повредените и да ја координира работата со надлежните институции.