Пожари во две руски рафинерии по напади со украински дронови во Самарската област
Две рафинерии на руската нафтена компанија „Роснефт“ утрово се зафатени од пожари во Самарската област, по напад со украински беспилотни летала, објавија украински медиуми, повикувајќи се на извештаи од теренот.
Станува збор за рафинериите во Сизран и „Кујбишев“ во Самара, кои се дел од рафинериската група на „Роснефт“.
Според рускиот независен медиум „Инсајдер“, пожарите на двете локации се потврдени и со сателитски снимки, при што на рафинеријата во Сизран е регистриран поголем пожар.
Претходно, во Самарската област беше прогласена воздушна тревога. Гувернерот на регионот, Вјачеслав Федоришчев, потврди дека областа била цел на напад со беспилотни летала, но не ги именуваше погодените објекти.