Северна Кореја го протера шефот на швајцарското дипломатско претставништво во Пјонгјанг


Северна Кореја го протерала шефот на дипломатското претставништво на Швајцарија во Пјонгјанг и му наредила да ја напушти земјата во рок од 48 часа, соопшти денеска Министерството за надворешни работи на Северна Кореја.

Во соопштението објавено од државната новинска агенција КЦТА, Министерството наведува дека мерката е одговор на одлуката на Швајцарија да го стави Меѓународниот детски камп во „Сонгдовон“ на својата листа со санкции. Пјонгјанг ја оцени одлуката како отворен непријателски чин.

Минатата недела „Гласот на Америка“ објави дека Швајцарија го вклучила детскиот меѓународен камп во „Сонгдовон“ на листата со санкции поради соработката со групи поврзани со Русија, што учествувале во трансфер на деца од териториите на Украина окупирани од Русија.

Северна Кореја од 2023 година значително ги продлабочи односите со Русија, а се верува дека испратила оружје и војници за поддршка на Москва во војната против Украина, врз основа на Договорот за сеопфатно стратешко партнерство што лидерите на двете земји го потпишаа во 2024 година.