За еден ден на Канарските Острови пристигнаа 2.100 мигранти
Во рок од 24 часа рекорден број од 2.100 мигранти пристигнаа, во преполни чамци, на шпанските Канарски Острови, соопшти Службата за поморско спасување.
Помеѓу пристигнатите мигранти пронајден е и еден починат човек, а една жена се породила за време на опасното патување од Западна Африка до шпанскиот архипелаг.
Бројот на sega пристигнати лица го надмина претходниот рекорд од приближно 1.500 луѓе, колку што пред две недели пристигнаа на Канарските Острови.
Поголемиот број чамци пристигнаа на островот Ел Јеро, кој има население од околу 11.400 жители. Островот е една од главните влезни точки во Европа за мигрантите кои доаѓаат од Западна Африка.
Премиерот на Шпанија, Педро Санчез, кој се соочува со остри критики поради својот отворен став кон миграцијата за време на кампањата за парламентарните избори, изјави дека на Европа ѝ е потребен сеопфатен пристап кон миграцијата, вклучително и построги гранични контроли во соработка со властите на Сенегал и Гамбија.
Тој додаде дека Шпанија треба да „отвори легални патишта за миграција“ за работници во сектори како што е градежништвото, каде што постои недостиг од квалификувана работна сила.
Атлантската миграциска рута од Западна Африка до Канарските Острови е една од најопасните во светот. Секоја година илјадници мигранти се обидуваат да го минат овој пат, кој претставува закана по животот, во преполни чамци, настојувајќи да стигнат до шпанска територија и покрај разбрануваното море, силните струи и огромните растојанија.
Бројот на пристигнувања обично се зголемува во есен, кога водите долж рутата се генерално помирни и поповолни за премин.
До крајот на ноември, бројот на пристигнувања оваа година достигна 28.103, што е повеќе од вкупниот број за минатата година, но сепак значително помалку од рекордните 46.843 регистрирани во 2006 година. Само во изминатите два месеца од годинава, на архипелагот пристигнаа речиси 21.000 луѓе.