Најмалку 20 лидери ќе присуствуваат на мировниот самит за Газа во Египет


Светски лидери од повеќе од 20 земји ќе присуствуваат на самитот што е закажан за утре во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик, со цел да се стави крај на војната во Појасот Газа, соопшти претседателството на Египет.

Состанокот се одржува откако претходно оваа недела беше постигнат прекин на огнот и договор за ослободување на заложници меѓу Израел и палестинската милитантна група Хамас, во рамките на мировниот план на САД.

Американскиот претседател Доналд Трамп и египетскиот претседател Абдел-Фатах ел-Сиси ќе копретседаваат со состанокот, кој официјално е насловен како „Мировен самит во Шарм ел-Шеик“, стои во соопштението на претседателството објавено доцна синоќа.

Самитот има за цел да ја заврши војната во Појасот Газа и да ги засили напорите за постигнување мир и стабилност на Блискиот Исток, се наведува во соопштението.

Имињата на присутните официјално не се објавени.

Францускиот претседател Емануел Макрон и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, веќе го потврдија своето присуство, пренесе ДПА.

Британскиот премиер Кир Стармер исто така ќе присуствува, објави британската новинска агенција ПА, повикувајќи се на владини извори.

Германскиот канцелар Фридрих Мерц добил покана да учествува, според владини извори.

Некои медиуми јавија дека на самитот ќе присуствуваат и турскиот претседател, премиерите на Шпанија и Пакистан, како и бахреинскиот монарх.

Трамп веќе изрази интерес да отпатува во Египет на церемонијата на потпишување на мировниот договор за Газа, по неговата посета на Израел.

Прекинот на огнот – кој го означува првиот чекор во планот за целосен крај на двегодишната разорна војна меѓу Израел и Хамас – стапи во сила во петокот.

Договорот предвидува ослободување на сите преостанати заложници во Појасот Газа и повлекување на израелските сили до меѓусебно договорена линија во крајбрежната територија.