Најлесно е да се зборува за историјата, тешко е за иднината, вели Ковачевски

Еврокомесарот Оливер Вархеи во видео порака на Преспа форумот рече дека очекува Бугарија да се издигне над ситуацијата и да симне блокадата за Македонија


Димитар Ковачевски на Преспа форумот

 

Македонија загуби драгоцено време во евроинтеграцискиот процес. Спогодбата за стабилизација и асоцијација е потпишана пред 21 година, а со неа се предвидуваше да се постигне асоцијација за десет години, рфече премиерот Димитар Ковачевски, кој настапи како главен говорник денеска на Преспа форумот на сесијата на тема „65 години после Римскиот договор: Дали Европа е целосно економски реконструирана и интегрирана?“

Ковачевски не сака да зборува за минатото туку за иднината на земјата и регионот.

„Дискусиите на Балканот најчесто се водат за минатото и за историјата и постојат политичари кои уживаат да зборуваат за теми од историјата, особено од соседството, а тоа се и најлесни теми за говорење бидејќи кога им зборувате на граѓаните за историја тогаш ништо и не им ветувате. Најтешко е да зборувате на граѓаните за економија, бидејќи тогаш се ветува и тогаш граѓаните имаат очекувања за подобар животен стандард. Ќе зборувам за сегашноста и за плановите за иднината, за сѐ она што ние како земја во соработка со земјите од регионот и нашите стратешки партнери го реализираме со единствена цел економски развој и подобра стандард за граѓаните“, рече Ковачевски.

Тој се фокусираше на три главни аспекти за денешната тема и тоа усоласувањето на националното законодавство со законодавството на ЕУ и имплементација на стандардите на структурни реформи, регионалната иницијатива Отворен Балкан и нејзините економски бенефити и интеграцијата на регионот во ЕУ и единствениот пазар на Унијата,

„Нашата определба за членство во ЕУ е јасна уште од независностата на државата. Ние сме земја кандидат за членство уште од 2005, а Спогодбата за стабилизација и асоцијација е потпишана пред 21 година, а со неа се предвидуваше да се постигне асоцијација за десет години. Иако оваа временска перспектива не се постигна, ССА и денес претставува единствената правна рамка која ги одредува односите меѓу двете страни, и која придонесува за економската и политчка стабилност на земјата за консолидацијата на демократијата и владеењето на правото“, рече Ковачевски.

Во рамките на истата сесија преку видео порака се обрати и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеи. Тој очекува Бугарија да се издигне над ситуацијата и да симне блокадата за Македонија.

„Денес како што ја славиме четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, важно е да се нагласи дека како што Грција и Македонија можеа да го надминат нивниот спор и да го решат со заеднички договор, очекуваме Бугарија да ги зајакне нејзините напори и да го направи истото“, рече Вархеи. 

Вархеи нагласи дека Западен Балкан припаѓа во Европа и лидерите на ЕУ едногласно ја изразија поддршката за европската перспектива на регионот и оти соработка со западнобалканските партнери е геополитички избор на ЕУ.

„Ова се тешки времиња за нашите економии, прво се соочуваме со пандемијата со Ковид-19 после се соочивме со руската воена агресија во Украина. Последиците од војната се видливи и пошироко во регионот. Високите цени на енергенсите се предизвици со кои се соочуваме глобално. Ве уверувам дека Западен Балкан останува наш приоритет. Ќе ја намалиме зависноста од руските фосилни горива, на пример со учество на европската енергетска платформа, исто така го вклучивме Западниот Балкан и за подговеноста за криза со храна, за да координираме за достапноста на храна“, истакна Вархеи.

Еврокомесарот рече и дека инвестицискиот план за Западен Балкан ќе мобилизира над 30 милијарди евра во следните седум години, со цел, како што рече, за да се зголеми БДП на регионот на два проценти, и ќе се забрза интеграцијата.

„Имплеменатацијата на планот е во полн ек, веќе ги подготвивме првите 21 инвестициски планови со вкупна вредност од 3,2 милијарди евра и 1,1 милијарди евра грантови преку ИПА фондови“, нагласи Вархеи. 

Сесијата насловена „Западен Балкан менаџирање во турбулентни времиња“, попладнево ќе ја отвори вицепремиерот Бојан Маричиќ, а меѓу говорниците ќе бидат специјалните пратеници за Западен Балкан на САД, заменик-помошникот државен секретар Габриел Ескобар, на Велика Британија Стјуард Пич, на Германија Маниуел Сарацин и на Австрија Јоханес Ајгнер.

На маргините на форумот претседателот Стево Пендаровски во „Вила Билјана“ се сретна со хрватскиот претседател Зоран Милановиќ. Тие потврдија дека односите меѓу двете земји се одлични, а разговараа за аспирациите на земјите од Западен Балкан за членство во Европската унија, како и за економските предизвици предизвикани од руската инвазија врз Украина.

Двајцата претседатели порачаа дека деблокадата на Македонија за преговорите со ЕУ е предуслов за стабилноста на регионот и на Европа.

На средбата стана збор и за положбата на македонската заедница во Хрватска и хрватската во Македонија при што беше нагласено дека правата на малцинствата во двете земји се на високо ниво и беше изразена подготвеност за нивно дополнително унапредување.