Најголемата здравствена компанија во САД е хакирана: Сто милиони корисници се во опасност
Целта на нападот е Change Healthcare, подружница на UnitedHealth Group која управува со финансиите за медицинските провајдери. Се проценува дека се загрозени приватните податоци на „повеќе од сто милиони Американци“.
Најголемиот хакерски напад врз здравствените податоци во САД е забележан во 2015 година, кога беа компромитирани 78,8 милиони корисници, но неодамнешниот дигитален упад ја подигна границата со тоа што влијаеше на дури 100 милиони луѓе. Ова постави нов рекорд, а целта е најголемата здравствена компанија во светот по приходи – UnitedHealth Group, пренесува Digital Trends.
Инцидентот се случи во февруари 2024 година кога напад со ransomwere предизвика прекин во аптеките низ САД, според извештајот на Ројтерс. Целта беше Change Healthcare, подружница на UnitedHealth Group која управува со финансиите за медицинските провајдери. Напаѓачите се инфилтрирале во системот поради недостаток на повеќефакторска автентикација за време на најавувањето на вработените.
Американскиот Сенат ги опиша катастрофалните последици од нападот, вклучително и неисполнување на рецепти, неплаќање на лекарите и болниците и неможноста на осигурителните компании да ги надоместат трошоците. „Хакирањето на Change Healthcare се смета за најголем безбедносен инцидент во историјата на американското здравство“, рече сенаторот Рон Вајден од Орегон.
Околу една третина од сите граѓани на САД имаат некаква поврзаност со таа организација, што вклучува големи количини на лични податоци. Според извршниот директор на Change Healthcare, украдените податоци вклучувале здравствени информации за „голем дел од Американците“, известува TechCrunch.
Нападот ѝ се припишува на групата за откуп BlackCat, која ја презеде одговорноста на дарк веб, тврдејќи дека ги украла податоците на милиони Американци. Министерството за здравство на САД сега ја ажурира бројката на 100 милиони луѓе. Едно индустриско списание сугерира дека оваа бројка може да се зголеми во иднина.